Kандидатите за претседател потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

Кандидатите за претседател на државата потпишаа Кодекс за фер и демократски избори, Скопје 2 април 2024.

Шест од вкупно седум кандидати за претседател на државата на 2 април потпишаа Кодекс за фер и демократски избори во Државната изборна комисија (ДИК). Кодексот не го потпиша само кандидатот Стевчо Јакимовски од партијата ГРОМ.

Содржаната на Кодексот е кандидатите да ги почитуваат сите закони, да не користат говор на омраза со цел избоите да бидат спроведени успешно и фер, за што ќе се залага и Државната изборна комисија, како што рече потпретседателката на интитуцијата Дитмире Шеху.

Пролетва граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат на двојни избори - претседателски и парламентарни. Првиот круг на претседателските избори е закажан за 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.

Видете и ова: Над 800 кандидати за 120 места во парламентот

Кандидатот Стево Пендаровски - кој за изборите е поддржан од СДСМ и коалицијата рече дека е уверен дека државата има доволно институционална меморија и доволно политичка култура за кандидатите да го одржат нивото на дебата и целиот процес да биде фер и демократски.

Гордана Силјановска - поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата потпишувањето на кодексот го оцени како церемонијален чин и како што рече „нормативен и морален илузионизам“, но додаде дека таа лично ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати.

Стевчо Јакимовски рече дека Кодексот ќе го почитува, но нема да го потпише доколку ДИК не гарантира дека ќе организира дебати, посочувајќи дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средставата за кампања не биле рамноправно поделени.

Бујар Османи кој е кандидат поддржан од ДУИ рече дека ќе се залага за позитивна кампања, порачувајќи дека повеќе станува политички морал и даден збор пред граѓаните дека ќе пристапат корекрно кон овие важни за нашата држава избори.

Билјана Ванковска - кандидатлка поддржана од партијата Левица, нагласи дека Кодексот ќе го потпише, но не верува во ништо од ова, како што рече, празно парче хартија и побара телевизиите да организираат дебати со сите претседателски кандидати.

Видете и ова: Судирот за СВР Тетово и стравувањата за фер и безбедни избори

Арбен Таравари од Алијанса за Албанците изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски избори досега.

Максим Димитриевски - претседателски кандидат на ЗНАМ рече дека ќе ги прифати сите јавни настапи со сите претседателски кандидати и посака на овие двојни избори да победи демократијата.

Кампањата за претседателските избори на 24 април почнува на 4 април и трае до 22 април, кога почнува предизборниот молк кој трае до 24 април. Изборната кампања за парламентарните избори почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај.

Последните претседателски избори се одржаа во 2019, а парламентарните во 2020 година. Изборите во мај ќе бидат 11 парламентарни од осамостојувањето на државата, додека претседател ќе се бира по седми пат, вклучувајќи го и првиот од двата мандата на Киро Глигоров кој беше даден врз основа на избор од страна на Собранието согласно тогашните уставни решенија.