Сиси го започна својот трет мандат како претседател на Египет

Претседателот на Египет Абдел Фатах ал Сиси

На 2 април, Абдел Фатах ал-Сиси положи заклетва пред парламентот во Египет за да го започне својот трет мандат како претседател.

Церемонијата се одржа во зградата на египетското Собрание во Новата административна престолнина, новиот египетски главен град изграден источно од Каиро.

Државната телевизија објави дека инаугурацијата на Сиси се совпадна со инаугурацијата на новиот административен центар.

Со победата на претседателските избори во декември со 89,6 отсто од гласовите, Сиси го обезбеди лидерството на најнаселената арапска земја до 2030 година.

Сиси досега беше на претседателската функција во Египет 10 години. Според Уставот на Египет, новиот шестгодишен мандат треба да биде последен, бидејќи не може да има повеќе од три мандати.

Видете и ова: Претседателски избори во Египет

Како поранешен шеф на египетската армија и министер за одбрана, Сиси го собори исламистот Мохамед Морси во 2013 година, што се случи по масовните демонстрации.

Светските агенции пишуваат дека инаугурацијата на Сиси се случува во контекст на силна економска криза, обележана со галопирачка инфлација и недостиг на девизи што ја отежнува трговијата.

Во првиот квартал од 2024 година, Египет имаше прилив од неколку десетици милијарди долари, 35 милијарди од Обединетите Арапски Емирати, со заеми од Меѓународниот монетарен фонд.