Напади со дронови врз индустриски цели во рускиот регион Татарстан

илустрација

Русија денеска (2 април) извести за напади со беспилотни летала врз фабрики во републиката Татарстан, на повеќе од 1100 километри од Украина и посочи дека во нападите има ранети луѓе.

„Напади со дронови беа извршени врз фабрики во Татарстан во Јелабуга и Нижнекамск“, соопшти прес-службата на татарскиот лидер Рустам Миниханов на Телеграм.

Нападите „не предизвикаа сериозна штета и работата на фабриките не беше засегната“, се вели во соопштението, во кое се додава и дека имало повредени луѓе.

Според прес-службата на регионалниот функционер Рустам Миниханов во инцидентот се повредени две лица, додека според Министерството за здравство на оваа руска република, ранети се шест лица.

Видете и ова: Украина тврди дека Русија истрелала 5 хиперсонични проектили кон Киев годинава

Во специјалната економска зони во Јелабуга работат десетици фабрики и компании, додека во Нижнекамск има голема нафтена рафинерија.

Украинската главна управа за разузнавање, според информативниот портал РБЦ-Украина, таргетирала фабрика за монтажа на беспилотни летала од типот „Шахед“, што резултирало со значително уништување на производствените капацитети. Иако украинските медиуми редовно ги припишуваат ваквите напади на ГРУ, Киев официјално не ги потврди овие тврдења.

РБЦ-Украина, која на својот канал на Телеграм објави видео од моментот кога дронот ја погодува економската зона, пренесува и медиумски извештаи дека во нападот бил погоден и комплекс за вработените во зоната.