На полноќ завршува рокот за поднесување листи за пратеници

илустрација

Најдоцна до полноќ(2 април) политичките партии и коалициите треба да ги достават листите за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК) за изборите закажани на 8 мај. Ако ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.

Денеска исто така ДИК треба да го заклучи Избирачкиот список и за претседателските (24 април) и за парламентарните избори.

Како што е наведено во Роковникот за парламентарните избори, ДИК по приемот на листата на кандидати, утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик и проверува дали кандидатите за пратеници ги исполнуваат условите предвидени во Уставот и член 7 став 2, 3 и 4 од Изборниот законик. Проверката се прави преку податоците во соодветните регистри и евиденции на надлежните институции.

Видете и ова: Промовирани кандидатите за пратеници и програмата на СДСМ и Коалицијата за европска иднина

Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите се должни да ги достават во електронска форма на комисијата во рок од 24 часа од приемот на барањето без никаков надомест.

ДИК врши проверка на листите веднаш односно најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата.

Видете и ова: Промовирани кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“

Комисијата доставува барање до институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш односно најдоцна на 03 април, или 24 часа од приемот на листата. Институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите, податоците ги доставуваат до ДИК, во електронска форма во рок од 24 часа од приемот на барањето.

Редоследот на кандидати во листата на кандидати, ДИК го утврдува со ждрепка која треба да се одржи најдоцна на 13 април и тој број е ист во сите изборни единици. Во изборната единица каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.

Видете и ова: ДУИ ги утврди носителите на листи за пратеници

Изборната кампања за парламентарните избори ќе започне на 18 април и неколку дена ќе се поклопи со кампањата за избор на претседател, која завршува на 22 април, а гласањето е на 24 април.