ССМ на протест пред Врховен суд поради одлуката за одземање на Работничкиот дом

илустрација

Сојузот на синдикати на Македонија денеска (2 април) пред Врховниот суд во Скопје ќе одржи протест изразувајќи незадоволство од одлуката што судот ја донесе за одземање на Работничкиот дом.

Протестот ќе почне пред зградата на ССМ, а ќе заврши пред Врховниот суд.

Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом му се одзема на ССМ по што раководството на Сојузот побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет.

Видете и ова: Судскиот совет добил претставка и постапува по одлуката на Врховен суд за зградата на ССМ

ССМ има испратено барање и до Уставниот суд бидејќи Врховниот суд не ја почитувал одлуката на Уставниот суд донесена во 1992 година во која се кажува дека државата нема право да одзема имот на синдикатите.

„На државата не и треба уште една зграда, и требаат работници и синдикати“, рече Трендафилов на прес-конференцијата.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов неодамна изјави дека протестот се организира со цел да им се покаже на судиите дека треба да се одважат и побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците бидејќи ССМ пред еден месец доставил предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази до Основниот граѓански суд Скопје.