Експлозивна направа фрлена врз куќата на градоначалник на сараевска општина

Босна и Херцеговина, Ирфан Ченгиќ, градоначалник на општина Стари Град, Сараево, 1 април 2024 година.

Ирфан Ченгиќ, градоначалникот на општина Стари Град во Сараево, доби 24-часовна полициска заштита откако во понеделникот рано наутро, на 1 април, беше фрлена експлозивна направа врз неговата куќа.

Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврди Мерсиха Новалиќ, портпарол на МУП на кантонот Сараево.

Беа преземени безбедносни мерки за да се расветлат сите околности. Формиран е тим под надзор на кантоналниот обвинител, на кој им се приклучија и припадници на Федералната полиција“, изјави Новалиќ за РСЕ.

Шефот на сараевската општина Стари Град, Ирфан Ченгиќ, претходно на прес-конференција изјави дека не се чувствува безбедно откако во неговата куќа била фрлена експлозивна направа.

„Се чувствувам загрозен како поединец, но имам целосна доверба во кантоналната и федералната полиција“, рече тој.

Од полицијата претходно за РСЕ изјавија дека околу 03.20 часот во Шкаљин сокак била активирана експлозивна направа, најверојатно рачна бомба, при што нема повредени, но причинета е материјална штета.

Видете и ова: Опериран тешко ранетиот во пукањето во Арачиново, цел беше градоначалникот

По оваа информација, на својот Инстаграм профил, градоначалникот на Стари Град напиша дека „ова е продолжение на заканите што ги има како избран функционер да престане“, како што напиша, „спроведувањето закони, решенија, наоди од ревизии, инспектори, обвинителите за да можат да продолжат со злоупотреба на општинските ресурси“.

Ченгиќ на функцијата градоначалник беше избран во октомври минатата година по предвремените избори за оваа функција.

Претходниот градоначалник Ибрахим Хаџибајриќ беше уапсен во мај минатата година. Оттогаш е во притвор.

Покрај него, уапсени се уште шест лица.

Обвинителството на кантонот Сараево тогаш објави дека Хаџибајриќ е осомничен за организиран криминал, злоупотреба на власта и перење пари.