Инцидент се случил попладнево во скопската општина Арачиново, каде мета на истрели од огнено оружје бил градоначалникот. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, нападот со автоматско оружје се случил додека градоначалникот шетал на отворено.
„Денеска (01.04.2024) во 13.25 ч. во СВР Скопје е пријавено дека на влез на с. Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на о. Арачиново Р.И., кој бил заедно со уште неколку лица. При тоа повредени се две лица, кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението од МВР.
Посериозно е повреден член на неговото обезбедување, потврдува за Радио Слободна Европа директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија д-р Неџат Јакупи кој ја извршил операцијата.
„Се работеше за голема влезно излезна рана од куршим најверојатно голем калибар. Пациентот го примивме во шокова состојба со изгубена голема колична крв. После дво часовна операција изведен е дел од десното белодробно крило каде и се наоѓаше раната. Моментално е во стабилна состојба и ноќва ќе ја помине на КАРИЛ“, вели Јакупи.
Возачот пак бил пренесен на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје. Директорот Љубен Арсенков, во изјава за РСЕ вели дека пациентот е донесен некаде околу 14 часот и е во стабилна состојба.
„Се работи за 39-годишен пациент со прострелна рана во десното рамо, куршумот кој е изваден е во близина на клучната коска, но тој е свесен, се наоѓа во стабилна состојба, која не е животно загозувачка, вели Арсенков за РСЕ.
За сега не се познати причините за овој инцидент.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото и издадени се наредби за прибирање траги и вештачења. Ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија, велат од обвинителството.
Според информациите од МВР, населбата е под зголемено полициско присуство.
Видете и ова: ОЈО: Двајца браќа му се заканувале на градоначалникот на АрачиновоИнаку јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје неодамна поведе постапка против двајца браќа за загрозување на сигурноста на градоначалникот на Арачиново Ридван Ибраими, кој е од редовите на ДУИ.
„Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на службеното лице - градоначалник на општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело“, соопшти тогаш Јавното обвинителство.
На 29 мај 2023 година Општина Арачиново не работеше од како што напишаа тогаш надлежните „безбедносни причини“. Тогаш министерството за внатрешни работи го приведе 69-годишниот скопјанец Р.А., поради закани кон градоначалникот.
Според пријавата на Ибраими, додека тој не бил присутен во општинската зграда, Р.А. пред други присутни лица упатувал закани по неговиот живот, а во врска со предмет за доделување на користење на земјиште.
Тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече
Дека се работи за меѓусебни конфликти поврзани со должничко доверителски односи кои ги имаат лица од иста политичка провиниенција и лица со исти интереси.
Ибраими и во 2022 година пријави дека физички бил нападнат од неколку лица. Тогаш полицијата приведе три лица во врска со пријавата на градоначалникот и од МВР рекоа дека против нив ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело насилство.