Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура предложил условен отпуст за затвореникот, поранешен шеф на УБК Сашо Мијалков, а Кривичниот суд во Скопје го прифатил ваквиот предлог. Според решението кое го донел судот Мијалков би требало да оди на условен отпуст една недела пред крајот на годинава, па се до април следната година.
„Кривичниот совет при одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог на Директорот на КПД Струга за условен отпуст на осудениот С.М., по одржана јавна седница, прибавена и разгледана целосна документација согласно напатствијата на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое го Уважи предлогот на Директорот на казнено поправната установа. Согласно решението, осудениот се отпушта од КПД Струга на 25.12.2024 година, а условниот отпуст му се смета до 25.04.2025 година“, се вели во соопштението од Кривичниот суд – Скопје.
Видете и ова: Јанакиески од јуни на условен отпуст, за Мијалков ќе одлучува Кривичен судСашо Мијалков се спогоди со обвинителството и за случајот Империја доби 3 годишна затворска казна. Откако ја промени домашната адреса од Скопје во Охрид, беше однесен во струшкиот затвор на издржување. Според законот кога осуденикот има добро поведение и по издржувањетто на половина од казната, може да добие скратување на истата.
Во февруари Мијалков доби ослободителна пресуда за случајот „Трезор“, кој беше во врска со злоупотреба на пари од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Во повторената постапка Обвинителството изврши измена на обвинителниот акт а според судот не се докажало дека го сторил делото.
Во меѓувреме становите кои во судска постапка му беа запленети на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, на јавно наддавање ги купи фирмата Бест веј инвесмент, сопственост на неговиот син Јордан Мијалков.
Овие станови, кои се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов, во непосредна близина на куќата на Мијалков, беа конфискувани во случајот „Империја“. Се работи за три станови кои Бирото за вештачење ги процени на 330.200 евра.