Русија истрелала пет хиперсонични ракети Циркон во нападите кон Киев од почетокот на годината, соопшти градската воена управа на 1 април.
Во соопштението се додава дека Москва во првите три месеци од годината лансирала вкупно 180 оружја од различни типови, вклучително и проектили и беспилотни летала, во главниот град на Украина.
Веста доаѓа откако Русија ги интензивираше своите напади врз украинската енергетска инфраструктура во последните денови, предизвикувајќи значителна штета во неколку региони.
На 22 март, московските трупи го изведоа она што беше опишано како најголем удар врз мрежната инфраструктура во двегодишната инвазија од целосен обем, предизвикувајќи големи штети и резултирајќи со огромни прекини на електричната енергија. Минатата недела продолжи да ги таргетира термоцентралите и хидроцентралите на Украина.
„Во последните напади, украинските воздухопловни сили соборија два од три беспилотни летала Шахед лансирани од Русија во текот на ноќта“, соопшти украинската војска на 1 април.
Видете и ова: Експлозии во Киев, Русија ја напаѓа украинската енергетска мрежаГенералштабот не даде дополнителни детали за нападот во својот извештај. Не е јасно дали дронот што не бил пресретнат стигнал до целта.
На друго место, украинските граничари го одбиле нападот на оние што беа опишани како руски саботери во регионот Суми, објави украинската државна гранична служба.
Во меѓувреме францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурн на 1 април рече дека Париз очекува Кина да испрати „јасни пораки“ до својот близок партнер Русија во врска со нејзината војна во Украина, по состаноците со неговиот колега во Пекинг.
Сежурн рече дека Франција е решена да одржи близок дијалог со Кина за да придонесе кон изнаоѓање пат кон траен мир во Украина.
Франција и Кина се обидоа да ги зајакнат врските во последниве години, а за време на состаноците во Париз во февруари, министерот за надворешни работи Ванг Ји му рече на претседателот Емануел Макрон дека Пекинг го цени „независниот“ став на неговата земја.
Но, Париз, исто така, се обиде да го притисне Пекинг за неговите блиски односи со Москва, кои само се зајакнаа по инвазијата на Украина.