Законот „за странски агенти“ испратен до Собранието на Република Српска

Парламент на Република Српска

Предлог-законот за посебен регистар и транспарентност во работата на непрофитните организации, во јавноста познат како закон за „странски агенти“, бил доставен во процедура на Народното собрание на Република Српска (НСРС) на 28 март, потврдуваат од оваа институција за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Според програмата за работа на НСРС за 2024 година, овој закон беше планиран за првиот квартал, односно требаше да се разгледува во првите три месеци од оваа година.

Собранието на РС не одговори кога ќе се разгледува предлог-законот.

Собраниската процедура предвидува тој да се достави на увид до пратениците, законодавно-правната комисија и работните тела, по што собранискиот колегиум треба да одлучи кога законот ќе се најде пред пратениците.

Конечниот текст на предложениот закон сè уште не е објавен.

Видете и ова: Американската амбасада во БиХ: Најавените закони на властите во Република Српска се репресивни

Предлог-законот, меѓу другото, предвидува посебен мониторинг за невладините организации кои се финансираат од странство, забрана за политички активности, потреба од дополнителна регистрација и испраќање финансиски извештаи.

Дополнително, министерот за правда ќе може да му предложи на судот забрана за нивна работа.

Владата на Република Српска на 29 март потврди дека предлогот за овој закон е утврден по завршувањето на јавната расправа.

Претходно, Народното собрание на Република Српска го усвои нацртот на овој закон на 28 септември минатата година, што наиде на голем број критики од јавноста, невладиниот сектор и меѓународните организации.

Законот беше објавен во 2022 година од Милорад Додик, претседател на Република Српска и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), кој тогаш рече дека овој закон ќе се заснова на американски решенија.Сепак, истражувањето на Радио Слободна Европа покажа дека законот е поблиску до руското законско решение од 2012 година.

Видете и ова: Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“

Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит, побара повлекување на овој предлог-закон од дневниот ред на Народното собрание на РС, бидејќи самиот закон, како што е наведено од ОХР, „има за цел да ги замолчи и заплаши граѓанските општествени организации“.

Според анализата на организацијата Транспаренси Интернешнл БиХ, законското решение не е во согласност со Европската конвенција за човекови права и слободи, уставот на државата и ентитетот и важечките закони во Република Српска.