Промовирани кандидатите за пратеници и програмата на СДСМ и Коалицијата за европска иднина

Промоција на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата „За европска иднина“ за изборите 2024 година

СДСМ и Коалицијата за европска иднина на 31 март во Скопје ја промовираше „Програмата за европска иднина“ и носителите на листи и кандидатите за пратеници со кои ќе настапи на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.

Во Првата изборна единица носител на листата е претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, а како коносител ќе биде претседателката на коалицискиот партнер ЛДП, Моника Зајкова.

Видете и ова: Изборниот ринг за лидерите се врати во единица и шестка

Во втората ќе бидат Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Сања Лукаревска и Љупчо Николовски.

Носител во четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче со Јована Тренчевска.

Во петтата изборна единица предводници на пратеничките листи се Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а во шестата изборна единица Славјанка Петровска и Агрон Демири.

Ковачевски во обраќањето нагласи дека нивните ветувања се амбциозни, но се реални и остварливи, затоа што, како што рече, ние сме посветени на европскиот пат, ние знаеме дека немаме друга алтернатива.

„Знаеме дека со напорна работа, нема недостижна цел. Ние нема да се откажеме од подобра, европска иднина за земјата. Нема откажување од иднината“, рече тој.

Ковачевски истакна дека можностите за економски развој и за подобар животен стандард ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ.

„Затоа е важно да се продолжи европскиот пат, тој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности. Европскиот пат носи и подобар животен стандард за граѓаните, повеќе и подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија, Единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски стандард. Тогаш просечната плата ќе изнесува 1.300 евра, а минималната плата 800 евра“, порача Ковачевски.

На 30 март беа промовирани и кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“.

Видете и ова: Промовирани кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“

Учесниците на изборите до 2 април треба да ги достават кандидатските листи за пратеници до Државната изборна комисија. Парламентарните избори се закажани за 8 мај, а следната недела на 4 април почнува и изборната кампања за седмите претседателски избори за кои во првиот круг ќе се гласа на 24 април.