САД очекуваат реформи од новата влада на палестинската управа

Метју Милер, март 2024 година

Соединетите Американски Држави го поздравија формирањето на нова влада на палестинската управа, сигнализирајќи го прифаќањето на ревидираниот владин состав како чекор кон палестинските политички реформи.

Администрацијата на Џо Бајден повика на „ревитализација“ на палестинската управа со седиште на Западниот Брег со надеж дека ќе може да управува со појасот Газа откако ќе заврши војната меѓу Израел и палестинската група Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка. Војната избувна пред речиси шест месеци, предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври.

Во изјавата доцна на 29 март, портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер рече дека Соединетите Држави со нетрпение очекуваат да работат со новата група министри „за спроведување на веродостојни реформи“.

„Ревитализираната палестинска управа е од суштинско значење за постигнување резултати за палестинскиот народ и на Западниот Брег и на Газа и за воспоставување услови за стабилност во поширокиот регион“, рече Милер.

Палестинските власти управуваат со делови од Западниот Брег окупирани од Израел. На чело е палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој не се соочи со избори речиси две децении.

Видете и ова: Првиот план на Нетанјаху за повоена Газа

Соединетите Држави ја гледаат палестинската управа како клучен дел од нивните планови за повоена Газа. Но, владата има мала поддршка или легитимитет меѓу Палестинците, а многумина веруваат дека таа всушност и помага на окупацијата поради нејзината безбедносна соработка со Израел на Западниот Брег.

Претходно овој месец, Абас го назначи Мохамад Мустафа за премиер, кој е економист образован во САД. На 28 март, Мустафа ја именуваше својата нова влада, која вклучува релативно непознати технократи, како и министерот за внатрешни работи на Абас и неколку членови на секуларното движење Фатах што тој го предводи. Неколку министри се од Газа, но не е јасно дали во моментов живеат таму.

Хамас, ривалот на Абас, ги протера неговите безбедносни сили од Газа кога ја презеде власта во 2007 година. Соединетите Американски Држави сакаат реформираната палестинска управа да се врати да управува со Газа, идеја што ја отфрлија и Израел и Хамас.

Главниот предизвик за палестинската управа, доколку и се даде улога во управувањето со Газа, ќе биде реконструкцијата. Речиси шестмесечна војна уништи критична инфраструктура, вклучувајќи болници, училишта и домови, како и патишта, канализациски системи и електрична мрежа. Во воздушните напади и израелската копнена офанзива загинаа повеќе од 32.000 Палестинци, според локалните здравствени власти. Борбите раселеа повеќе од 80 отсто од населението во Газа и турнаа стотици илјади на работ на глад, велат Обединетите Нации и меѓународните хуманитарни агенции.

Видете и ова: Како да се спречи гладот ​​во Газа?

Војната започна откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе, главно цивили, а зеде околу 250 други како заложници.

Израел соопшти дека ќе одржува отворена безбедносна контрола над Газа и ќе биде партнер со Палестинците кои не се поврзани со палестинската управа или Хамас. Не е јасно кој во Газа би бил подготвен да преземе таква улога.

Хамас ги предупреди Палестинците во Газа да не соработуваат со Израел во управувањето со територијата, велејќи дека секој што го прави тоа ќе биде третиран како соработник, што се подразбира како смртна закана.