Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека властите се подготвуваат да ја обвинат Србија за злосторства извршени за време на војната во Косово. Курти побара од Државното обвинителство максимално да работи на кривично гонење и казнување на одговорните за злосторствата за време на војната, за кои има живи сведоци.
„Дури и Министерството за правда и моите правни советници, заедно со меѓународни експерти, се подготвуваат да ја обвинат Србија како држава одговорна за злосторствата извршени за време на војната во Косово, а тоа се воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид“, рече тој на 30 март за време на оддавањето почит во Глоговац.
Курти додаде дека овој процес продолжува, а кога ќе се случи нешто конкретно, јавноста ќе биде навремено информирана. Курти претходно изјави дека Косово има намера да ја тужи Србија за геноцид, за периодот на последната војна во земјата.
Видете и ова: Вучиќ: Одговорот на Србија за Косово во Советот на Европа ќе биде силенВо 2021 година, тој изјави дека таква тужба ќе биде поднесена пред Меѓународниот суд на правдата.
Меѓутоа, експертите за меѓународни прашања претходно за Радио Слободна Европа изјавија дека само земјите кои се членки на Обединетите Нации (ОН) можат да поднесат барање до Меѓународниот суд.
Затоа, некои од нив рекоа дека Косово може да покрене таков случај пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Меѓународниот суд за правдата, со седиште во Хаг, решава за спорови меѓу државите, додека Меѓународниот кривичен суд гони поединци за воени злосторства.
Одлуките на Меѓународниот суд на правдата се конечни и не можат да се обжалат, но судот има мала моќ да ги спроведе. Инаку, според податоците на Фондот за хуманитарно право, во последната војна на Косово во 1998 и 1999 година беа убиени околу 13.500 луѓе.