Промовирани кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“

Промоција на кандидатските листи за пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“, 30 март 2024 година

„Македонија повторно твоја! - промените во твои раце“ е слоганот на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ за претстојните парламентарни избори.

На 30 март опозициската ВМРО-ДПМНЕ во рамки на партиската конвенција ги промовираше 120-те кандидатите за пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“, кои беа утврдени два дена претходно.

Носител во првата изборна единица е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додека на втората позиција е потпретседателката на партијата, Гордана Кочовска-Димитриевска.

Во „двојката“ носител е Владо Мисајловски, втора на листата ќе биде актуелната пратеничка Жаклина Пешевска.

Во третата изборна единица носител е Драган Ковачки, а веднаш зад него е актуелниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Потпретседателот на партијата Александар Николовски е носител во изборната единица четири, а на втората позиција е пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски.

Во „петката“ прв на листата е генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, а на втората позиција е актуелната пратеничка Олга Лозановска.

И во „шестката“ носителка е Дафина Стојановска, а втор на листата е актуелниот пратеник Александар Велјановски.

Обраќање пред присутните имаа сите носители на изборните листи.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ ги потврди кандидатските листи за пратеници

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во „единицата“, Христијан Мицкоски истакна дека на овие избори партијата претставува „светилник на надежта со сериозна и најдобра изборна програма досега“.

Мицкоски се осврна и на дел од проектите во партиската програма со 1.198 проекти која беше презентирана минатиот викенд.

„Многу животи на многу луѓе се потрошија да дојде подоброто време на кое сите се надевавме. Многу работи кои се случија во овие 30 години независност придонесоа луѓето да станат незаинтересирани за важните работи и процеси во Македонија. Овие избори се вистински последниот час да победат пристојните луѓе, да победи разумот во Македонија и да им кажеме на сите дека има надеж и ние сме таа надеж, сила и структура која овој пат има озбилна намера да ја обнови Македонија“, изјави Мицкоски.

Во говорот, лидерот на партијата се осврна и на политичката партија ДУИ, велејќи дека „го вгратила криминалот во секоја институција и направила криминализација на Македонија“.

„ДУИ се провлекува со секоја власт, иако се учесник во секоја една афера и криминален случај, нема ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред словото на законот. За тој криминал мора да одговараат. Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ и подеднакво жиеат тешко како што живеат и Македонците и другите етнички заедници“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Изборниот ринг за лидерите се врати во единица и шестка

Во однос на политичкиот опонент СДСМ, Мицкоски рече дека „немаат план ниту концепт, а на избори ќе одат со список на желби и без сериозна програма“.

Со реакција се јавија од СДСМ.

Според портпаролот на владејачката партија, Дарко Каески, над 80 насто од кандидатите за пратеници од ВМРО - ДПМНЕ се истите, за кои кажа дека спроведуваат активна блокада на Собранието.

„Со истите лица на изборната листа Белата палата потврдува дека со ДПМНЕ е можно само враќање назад. Во ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив“, вели Каески.

За парламентарните избори, државата е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници - која партија колку мандати ќе добие во секоја изборна единица се пресметува според т.н. Донтов модел.

На помалку од една недела до официјалниот почеток на изборната кампања дефинирани се коалицииите - „Коалиција за европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ и коалицијата „ВРЕДИ“ на албанската опозиција. Самостојно на изборите, според досегашните најави, одат ЗНАМ и партијата Левица.

Учесниците на изборите до 2 април треба да ги достават кандидатските листи за пратеници до Државната изборна комисија. Парламентарните избори се закажани за 8 мај, а следната недела на 4 април почнува и изборната кампања за седмите претседателски избори за кои во првиот круг ќе се гласа на 24 април.