ЕУ ги обвини лидерите на Република Српска за поткопување на уставниот поредок на БиХ

Архивска фотографија

Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина го обвини раководството на ентитетот Република Српска за поткопување на уставниот поредок на БиХ и покани да се седне на преговарачка маса.

На 29 март, нацрт-изборниот закон за ентитетите беше усвоен во Република Српска, иако Уставот на БиХ не ја споменува можноста ентитетите во БиХ да спроведат избори.

Ваквата одлука уследи како одговор на техничките измени во Изборниот закон на БиХ, кои високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, ги воведе на 26 март. Измените треба да ја намалат можноста за изборни манипулации, какви што беа забележани на изборите во претходните години.

Видете и ова: Собранието на РС усвои нацрт-закон за „присвојување“ на државна надлежност за изборите

„Жалиме што раководството на ентитетот Република Српска одлучи да ги подигне тензиите, вклучително и предлагање серија активности кои го поткопуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина, функционалноста на нејзините институции и основните слободи“, напишаа на 30 март од Делегација на ЕУ во БиХ на мрежата Х.

Овој вид на избор, предупредија тие, „не само што им штети на интересите на граѓаните, туку и претставува пречка на патот на БиХ кон ЕУ“.

„Зеленото светло за пристапните преговори покажа дека дијалогот наместо ескалација дава резултати. Не е доцна да се вратиме на преговарачка маса“, велат од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.

На самитот во Брисел на 21 март, Европскиот совет (тело составено од претседатели и премиери на земјите-членки на ЕУ) го одобри отворањето на пристапните преговори со БиХ, што претходно беше препорачано од Европската комисија.

Видете и ова: ЕУ одобри отворање на преговорите со Босна и Херцеговина

Усвојувањето на нацрт-изборниот закон на РС претходно го осудија и САД, за кои претставува директен напад врз државата Босна и Херцеговина.

Во објавата на мрежата Х на 29 март, Амбасадата на САД во БиХ изјави дека САД силно го поддржуваат територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на БиХ и дека ќе продолжат да ги користат средствата со кои располагаат како одговор на антидејтон активности.

На денот на општите избори во Босна и Херцеговина, 2 октомври 2022 година, Шмит за прв пат наметна измени во Изборниот закон на Босна и Херцеговина, како и во Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина.

Тие одлуки се однесуваат на зголемувањето на бројот на делегати во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, еден од двата законодавни домови во овој ентитет, чија цел беше да се подобри функционалноста на субјектот и да се обезбеди навремено спроведување на изборните резултати.

Жељко Комшиќ, член на Претседателството на БиХ и Шефик Џаферовиќ, поранешен член на Претседателството на БиХ, поради законските измени испратија жалба до Уставниот суд на БиХ.

Во март годинава судот одлучи дека овие одлуки се во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина.

Шмит на 27 април годинава воведе и измени во Уставот на БиХ, чија цел беше да го олесни формирањето на ентитетската влада, а ги промени и кривичните закони во БиХ, со цел да се спречат можни изборни измами во иднина.

Одлуките на германскиот дипломат предизвикаа протести пред зградата на ОХР во Сараево, кои беа одржувани неколку пати.