Како што наближуваат претседателските и парламентарните избори изборната реторика на политичките партии и на лидерите е почеста, поостра и насочена кон политичките противници. Темите од јавен интерес биле користени за да се промовира сопствената политичка идеологија и да се нападне противникот.
Доминирале поларизирачките наративи за и против европска ориентираност кои во овие два месеца се зацврстиле во изборните реторики.
Ова е објавено во третиот извештај што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го изработи во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“.
Според извештајот партиите во јануари годинава покажале ниска култура на јавна комуникација.
При набљудувањето на интернет и на фејсбук страниците на 10 партии и на нивните лидери се идентификувани 75 објави на интернет страниците на партиите и 73 фејсбук објави кои содржат штетен наратив.
Најмногу штетни наративи во јануари биле идентификувани од партијата ВМРО-ДПМНЕ и тоа 61,3 процент.
СДСМ во јануари имала речиси двојно помалку штетни наративи од ВМРО-ДПМНЕ и тоа 29,3 проценти. Левица во јануари користеле 8 проценти штетни наративи.
Наспроти ова, пак, на фејсбук-страниците, Левица имала најмногу штетни наративи и тоа 43,8 проценти, а нејзиниот лидер Димитар Апасиев 11 проценти.
Мониторингот во јануари утврдил дека имало штетен наратив и на профилот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Слични објави имало и кај вицепремиерот Артан Груби и кај министерот за економија Крешник Бектеши.
Истражувањето го спроведуваат експерти комуникациите и медиумите. Набљудуваат 10 политички партии и лидери чии партии имаат најмалку двајца пратеници во составот од 2020-2024 година. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.