Амнести и Хјуман рајтс воч: Вагнер и помага на армијата на Мали да убива цивили

Руските платеници во Мали шетаат заедно со припадник на војската на Мали (лево), на фотографија без датум објавена од француската војска.

Руската платеничка група Вагнер им помага на владините сили во централниот и северниот дел на Мали да извршат рации и напади со беспилотни летала во кои загинаа десетици цивили, вклучително и многу деца, велат групите за човекови права во извештаите објавени оваа недела кои го покриваат периодот од декември до март, објави Гласот на Америка.

Мали, заедно со неговите соседи Буркина Фасо и Нигер, повеќе од една деценија се бори со бунтот на исламските екстремистички групи, вклучително и некои поврзани со Ал Каеда и таканаречената група Исламска држава.

По воените удари во сите три земји во последните години, владејачката хунта ги протера француските сили и наместо тоа се сврте кон руските платенички единици за безбедносна помош.

Насилството ескалира во Мали откако руските платеници пристигнаа таму по државниот удар во 2021 година.

Владејачката хунта во земјата ги засили операциите, извршувајќи смртоносни напади со беспилотни летала врз цивилни собири и рации заедно со руските платеници кои убиваа цивили.

Жителите на регионот Сахел, кој го опфаќа Мали, велат дека присуството на Русија не е променето откако лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин загина во сомнителна авионска несреќа минатата година.

„Преодната воена влада на Мали, поддржана од Русија, не само што врши ужасни злоупотреби, туку работи на елиминирање на контролата врз досиејата за човековите права“, рече Иларија Алегрози, висок истражувач во Сахел во Хјуман рајтс воч (ХРВ), во изјавата во четвртокот.

Цитирајќи го нападот на владините сили поддржани од Русија во јануари, ХРВ соопшти дека армијата влегла во село во близина на воена база во централниот дел на Мали и уапсила 25 лица, меѓу кои и четири деца.

Нивните тела биле пронајдени подоцна истиот ден со врзани очи и со прострелни рани во главата, се вели во извештајот.

Видете и ова: Иран одбележува 45 години од Исламската револуција во време на тензии на Блискиот Исток

Амнести интернешенел (АИ) во посебен извештај претходно оваа недела соопшти дека во два напади со беспилотни летала во северниот дел на Мали загинале најмалку 13 цивили, вклучително и седум деца на возраст меѓу две и 17 години.

Бремената жена која беше повредена во бомбардирањето абортирала неколку дена по нападот, се наведува во соопштението.

ХРВ соопшти дека беспилотните летала од турско производство во Мали се способни да вршат напади со прецизни ласерски наведувани бомби. Групата, исто така, документирала како цивили биле убиени во напади со беспилотни летала.

Во еден пример, во напад со беспилотно летало во регионот Сего во централниот дел на Мали загинаа најмалку седум лица на свадба, меѓу кои и две момчиња, се вели во извештајот. Следниот ден беше извршен втор напад со дрон врз присутните на погребот на загинатите во нападот од претходниот ден.

Хунтите на власт во Мали, Нигер и Буркина Фасо претходно овој месец објавија заеднички безбедносни сили за борба против зголеменото екстремистичко насилство во нивниот регион Сахел.

Тие претходно се оградија од другите регионални и западни земји кои не се согласуваат со нивниот пристап.

Иако војските ветија дека ќе ги прекинат бунтовите на нивните територии по соборувањето на избраните влади, аналитичарите велат дека насилството се влошило под нивните режими.

Тие ги делат границите и нивните безбедносни сили кои се борат против екстремистичкото насилство се преоптеретени.