Европската унија повторува дека одлуките во Советот на Европа не се директно поврзани со Унијата, бидејќи, како што велат бриселските власти, тоа е уште една независна европска организација.
Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, во писмена реакција изјави дека знаат оти Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа оваа недела го разгледа и усвои предлог мислењето за статусот за барањето на Косово за членство, кој го подготви известувачот Дора Бакојани.
„Останува на членките на Советот на Европа да одлучуваат за прашања поврзани со оваа организација, вклучително и нејзиното членство“, рече Стано.
Тој не одговори на директното прашање дали со гласањето против Србија го прекршила договорот на патот кон нормализација на односите.
Тој рече дека без разлика на размислувањата на Советот на Европа, Европската унија сепак очекува сите да ги спроведат сите одредби од Договорот за патот кон нормализација од 2023 година.
Одредбите од овој договор, како што тврди Стано, „треба да се спроведуваат експедитивно, со добра волја и независно една од друга“, за што страните се согласиле во Анексот за имплементација во Охрид.
„Ова го вклучува и формирањето на Заедницата на општините со мнозинство српско население во Косово, што е најконкретен начин да се обезбеди заштита на заедницата на косовските Срби. Жално е што, и покрај напорите на ЕУ и пошироката меѓународна заедница, досега е постигнат многу ограничен напредок и од Косово и од Србија во спроведувањето на обврските што ги прифатија во овој договор“, рече портпаролот на ЕУ.
Видете и ова: Петковиќ: Приемот на Косово во Советот на Европа би бил „непријателски гест“ кон СрбијаВо февруари 2023 година, Србија и Косово постигнаа договор за патот кон нормализација, а во март истата година се договорија за анекс за имплементација.
Четвртиот член од овој договор предвидува дека земјите нема да се спречуваат меѓусебно да бидат примени во меѓународните организации.
Србија во два наврати гласаше против барањето на Косово за прием во Советот на Европа.
Белградските власти во неколку наврати изјавија дека нема да ги спроведат сите одредби од договорот.
Исто така, Косово не ги спроведува обврските, особено оние поврзани со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.
Европската унија и меѓународната заедница бараат од Косово да го спроведе овој дел од обврската што произлегува од дијалогот.