Меѓународниот суд на правдата бара мерки од Израел за решавање на гладот во Газа

Семејство за време на ифтар во Рафа, 18 март 2024 г.

Судиите од Меѓународниот суд на правдата едногласно му наложија на Израел да ги преземе сите неопходни и ефективни мерки за да се осигури дека основните резерви на храна ќе стигнат до Газа без одлагање.

Тие побараа Израел да отвори повеќе копнени премини за да обезбеди снабдување со храна, вода, гориво и други резерви.

Судот рече дека Палестинците во Газа се соочуваат со сè полоши услови за живот и оти гладот и изгладнувањето се шират.

„Судот забележува дека Палестинците во Газа повеќе не се соочуваат само со ризик од глад, туку дека гладот е веќе присутен“, рекоа судиите во нивната одлука.

Видете и ова: Нетанјаху - Израел нема да ги прифати барањата на Хамас за прекин на огнот

Новите мерки ги побара Јужноафриканската Република, која претходно го обвини Израел за геноцид во Газа.

Одлуката од 28 март дојде откако Јужна Африка побара дополнителни привремени мерки, вклучително и прекин на огнот. Израел го повика судот да не издава нови наредби.

Во правно обврзувачката одлука, судот му нареди на Израел да ги преземе „сите неопходни и ефективни мерки за да обезбеди, без одлагање, во целосна соработка со Обединетите нации, непречено обезбедување на итно потребните основни услуги и хуманитарна помош“.

Судот му даде на Израел рок од еден месец да поднесе извештај за спроведувањето на наредбите.

Израелското Министерство за надворешни работи не ја коментираше наредбата.

Конфликтите во Газа траат од 7 октомври минатата година, кога Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка група, го нападна Израел, при што загинаа 1.200 луѓе. Оттогаш, во израелските напади загинаа повеќе од 32.552 луѓе во Газа, според Министерството за здравство под контрола на Хамас.