Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави повеќе протести за наредниот период.
На 2 април, ССМ ќе протестира пред Врховниот суд поради одлуката што ја донесе овој суд за одземање на зградата Работничкиот дом. На 8 април, пак, ќе протестираат вработените во здравство, а а на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот ќе го одржи традиционалниот првомајски протест.
„На 2 април ќе организираме протест од пред зградата на ССМ кој ќе заврши пред Врховниот суд во насока да им покажеме на судиите дека треба да се одважат и побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците имајќи предвид дека ССМ само пред еден месец достави предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази до Основниот граѓански суд Скопје“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на 28 март.
Видете и ова: Специјализантите на протест за поголем месечен надомест и регулиран работен односНа државата, порача тој, не и треба уште една зграда туку и требаат работниците и синдикатите.
За потсетување, Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом му се одзеде на ССМ по што раководството на Сојузот побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет.
Вработените во здравство на 8 април ќе протестираат, пак, бидејќи нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата поради непотпишувањето на анексот на колективниот договор.
„Протестот ќе биде токму во насока на изразување незадоволство од непотпишувањето на анексот на колективниот договор којшто веќе беше завршена работа, но поради политичките игри остана непотпишан и со тоа повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласувањето на нивните плати со порастот на минималната плата“, рече Трендафилов.
Видете и ова: Функционерите си ги намалија коефициентите, но не и платитеСпоред најавите од ССМ, на првомајскиот протест, пак, ќе биде испратена порака дека работниците очекуваат најмалку 450 евра минимална плата во првите 100 дена од новата влада и враќање на хранарината и превозот.
Минималната плата, како што утврди Економско социјалниот совет (ЕСС) на седница на 22 март, во 2024 година ќе изнесува 22.567 денари (околу 370 евра) во нето износ и бележи пораст од 3.613 денари во бруто односно 2.392 денари нето износ во споредба со минималецот за минатата година.