Декларацијата за одбележување на четвртата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО, но и за одбележување на 75 години од формирањето на Алијансата, изгласаа пратениците на седница во Собранието на 28 март.
Северна Македонија стана членка на НАТО на 27 март 2020 година.
Со Декларацијата, според претседателот на парламентот, Јован Митрески, се испраќа порака до сојузниците во Алијансата дека во Северна Македонија имаат сигурен партнер. Исто така, тој оцени дека со ова се потврдува определбата за давање сериозен и значаен придонес во обезбедувањето на регионалниот, но и на светскиот мир и стабилност.
Видете и ова: Османи: Интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјалистички амбицииДонесените одлуки на патот за членството, рече Митрески, биле тешки, но вределе.
„Дополнително, со усвојување на оваа декларација на самиот крај од мандатот ќе оставиме порака на идните пратеници и за идните генерации воопшто, дека од правецот по кој тргнавме нема отстапување и дека како пратеници ги препознаваме стратешките вредности. Од нив не отстапуваме и заеднички работиме на нивно целосно реализирање“, рече Митрески.
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, пак, посочувајќи дека тие се „единствена анти-НАТО партија“ побара Декларацијата да се тргне од дневен ред.
Северна Македонија пред четири години се приклучи како 30. членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
На 15 ноември 1995 година, државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир.
На 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.
Видете и ова: Северна Македонија одбележува четири години членство во НАТОВо финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција.
Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Северна Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северно-атлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Претседателот на Републиката.
На 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што, Република Северна Македонија и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата.