Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година.
Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Северна Македонија со барање за поврат на парите. Овој месец (март) Агенцијата примила известување и дека одлуката е конечна.
За случајот на 28 март на прес-конференција зборуваше и директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски, а за злоупотребените европски пари предистрага води и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК.
Видете и ова: Фиктивни трансфери на пари истражува ОЛАФ во БугаријаОбвинителство: Поради тајност на постапката не можеме да споделиме детали
Од ОЈО ГОКК на 18 март за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдија дека е отворена предистрага, но детали не споделија „поради тајност на постапката“.
„По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, предметен јавен обвинител од ОЈО ГОКК активно спроведува предистражна постапка. Согласно меѓусебниот договор, ОЛАФ достави Извештај до обвинителството, кој извештај е предмет на анализа и содржи информации што се неопходни за расчистување на случајот и донесување на мериторна јавнообвинителска одлука. Со оглед на тајноста на постапката не можат да се споделат повеќе детали“, рекоа од Обвинителството.
РСЕ се обрати и до ОЛАФ од каде посочија дека вообичаено не даваат коментари „со цел да се заштити доверливоста на сите можни истраги и евентуални судски постапки кои би следувале потоа“, како и за да се обезбеди „почитување на личните податоци и процедуралните права“.
Неправилности во проектните досиеја на 22 корисници на грантови
Повикувајќи се на тајноста на постапката што се води пред истражните органи во земјава, дополнителни детали на прес-конференцијата на 28 март не даде ниту директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски.
Но, откри дека во известувањето што го добиле од ОЛАФ е наведено дека има неправилности во проектите на 22 корисници што зеле грантови од европски пари.
„Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија. Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година“, рече Ѓоргиевски.
Видете и ова: Маричиќ: Да се види кои субјекти злоупотребувале европски средстваКога било добиено известувањето за конечноста на одлуката дека државата треба да врати пари, на крајот на минатата година од Националната агенција имале состаноци со МОН, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница на оваа тема имала и Владата.
Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето се финализира“.
Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.
Видете и ова: Вицепремиерката Грковска ги охрабрува истрагите на ОЛАФ за трошењето на европските пари во земјава„Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина“, истакна директорот на Агенцијата.
Ѓоргиевски нагласи дека Агенцијата е отворена за соработка и со сите нивни ресурси и документација им стои на располагање и на Обвинителството и на Управата за финансиска полиција.