Петковиќ: Приемот на Косово во Советот на Европа би бил „непријателски гест“ кон Србија

Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ

Директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека приемот на Косово во Советот на Европа би бил „непријателски гест“ кон Србија и дека Белград нема да престане „отворено, политички и процедурално“ да се спротивставува на тоа.

Во изјавата на 28 март, Петковиќ изјави дека „очигледно постои желба и брзање“ да се реши прашањето за статусот на Косово поради, како што наведе, „некои геостратешки интереси кои немаат никаква врска ниту со Белград, ниту со Приштина“.

„Но, оние кои одлучуваат за тоа, нека размислат добро дали евентуалното членство на Приштина во Советот на Европа ќе придонесе за мирот, стабилноста и соработката на нашиот континент или ќе има спротивен ефект“, рече Петковиќ во изјавата.

Тој додаде дека Србија апелира до своите партнери во Советот на Европа „да имаат на ум дека таквиот исход би бил преседан што ќе ги уништи основните принципи на таа организација“.

„И тоа секако би бил непријателски гест кон Србија, која досега беше активна и посветена членка на таа меѓународна организација“, се наведува во соопштението.

Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа на 27 март го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа.

Видете и ова: Косово направи чекор напред кон членство во Советот на Европа

Пратеникот во косовското Собрание Бесник Тахири, кој присуствуваше на состанокот, рече дека извештајот е изгласан со 31 глас за, четири против и еден воздржан.

Србија, која не ја признава независноста на Косово, се противи на членството на таа земја во меѓународните организации, а одлуката на Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа беше критикувана и од други српски претставници.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 22 март ја објави можноста Србија да се повлече од Советот на Европа во случај на прием на Косово во Советот на Европа.

Вучиќ во идејата за напуштање на Советот на Европа беше поддржан од поранешната премиерка, а сега претседателка на Собранието, Ана Брнабиќ.

Косово аплицираше за членство во таа меѓународна организација во мај 2022 година.

Прашањето за прием на таа земја во Советот на Европа повторно се актуелизираше во последните недели, откако Владата на Косово побара да му се вратат 24 хектари земјиште на православниот манастир Високи Дечани.

Така, еден од главните услови за прием на Косово во оваа организација е исполнет.

Советот на Европа е водечка организација во Европа во областа на човековите права.

Се состои од 46 земји, вклучувајќи 27 земји-членки на Европската Унија и сите земји од регионот.