Досега 140 жртви од нападот во концертната сала кај Москва

Цвеќе во спомен на жртвите на нападот во концертната сала Крокус близу Москва, Русија

Бројот на загинати во нападот на 22 март во концертната сала кај Москва се искачи на 140, соопштија руските власти, пет дена по пукањето врз луѓе кои чекаа да влезат на концерт во салата Крокус, во Красногорск, во близина на Москва, за што одговорност презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС).

Рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко, на 27 март изјави дека четири од 76 лица во болницата се во критична состојба.

Еден ден претходно руските власти го завршија расчистувањето на урнатините од концертната сала, а потрагата по телата беше прекината.

Видете и ова: Зошто Путин се обидува да им го „прикачи“ нападот во Москва на Киев и на Западот

На 25 март, рускиот суд обвини четворица државјани на Таџикистан за терористички чин, а уште четири лица беа обвинети дека им помагале на напаѓачите.

Извештаите сугерираат дека луѓето од Централна Азија кои живеат во Русија се под зголемен притисок и се соочуваат со антиимигрантски чувства по нападите. Неделава неколку печалбари од Узбекистан и Таџикистан беа приведени и испрашувани со часови во Москва.

Властите во Таџикистан, вообичаено блиски до Кремљ, претходно оваа недела приведоа и испрашуваа членови на семејството на четворица Таџикистанци обвинети за нападот во концертната сала во близина на Москва.

Узбекистан ги советуваше своите граѓани во Русија да се придржуваат до засилените безбедносни мерки и постојано да ги носат документите за идентификација и работните дозволи.

Владата во Киргистан апелираше до своите граѓани да се воздржат од заминување во Русија, додека властите во Туркменистан сакаат да ги вратат своите граѓани кои студираат во Русија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што знаеме за осомничените напаѓачи во Москва?

Иако ИСИС експлицитно не даде признание на ниту еден од своите ограноци, западните разузнавачки служби и експерти ја обвинуваат ИСИС-К, или „Исламска држава Хорасан“.

Високи руски претставници инсистираат на тоа дека Украина и Западот биле вклучени во нападот.

Киев ги отфрли обвинувањата, додека Соединетите Американски Држави велат дека ја предупредиле Москва за неизбежен напад две недели пред инцидентот.

Советот за безбедност на Обединетите Нации, Европската Унија, ОБСЕ, САД, Франција, Велика Британија и други земји остро го осудија нападот.

Нападот на 22 март кај Москва беше најлошиот во Русија од 2004 година, кога вооружени лица земаа повеќе од илјада заложници во училиште во градот Беслан на југот на Русија. Повеќе од 330 луѓе, речиси половина од нив деца, на крајот загинаа во тој напад.