Сериозни или смешни?

Илустрација

Неофицијално почна предизборната кампања пред предизборната кампања. Официјално - Предизборието веќе го живееме. И редовно не' окупира. Сепак, под таа сенка не паднаа економските „заврзлами“, терористичкиот напад во Москва, резолуциите за Газа...

Шпицни во единицата

По „излетот“ на парламентарните избори во 2016, кога тогашните лидери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски се соочија во „четворката“, како и по 2020 кога Заев повторно беше носител во изборната единица четири, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски воопшто не беше на листите промовирајќи се себе како „шпицен кандидат за премиер“, сега лидерска пресметката повторно ќе има во „единицата“.

Носители на листи во шесте изборни единици за парламентарните избори 2024

Сега, во првата изборна единица како носители ќе се соочат Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тука ќе ги предизвикаат претседателот на Левица, Димитар Апасиев, а се очекува во „кецот“ носителка да биде и Данела Арсовска, која ја презеде Нова Алтернатива. Од ЗНАМ носител ќе биде Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет во Скопје, а од Коалицијата ВРЕДИ носител ќе биде Изет Меџити. За ДУИ се шпекулира дека еден од можните носители на листата во „единицата“ да биде актуелниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети.

И должници и инвеститори

Во предизборието, како по некое непишано правило, идат и „инвестициите“... во суми со многу нули.

Oпштина Тетово преку ЈП „Транспорт Тетово“ склучи договор со компанијата „Е - Проперти“ за изградба и реконструкција на градскиот стадион, спортски центар и фудбалско игралиште. Вредноста на договорот е 11,5 милиони евра, а го доби фирма во сопственост на „Еколог интернешнл“, фирма која (ин)директно се поврзуваше со фабриката за производството на електрични автомобили.

И должници и инвеститори. И покрај тоа што и општина Тетово како инвеститор и јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ кое ќе го реализира тендерот за реконструкција на градскиот стадион и други спортски објекти се во долгови, сепак, влегуваат во милионска инвестиција.

„Депо“

Вкупниот увоз на стари патнички автомобили е за пет и пол пати пати поголем од увозот на нови. Во последниве пет години, според Царинската управа увезени се околу 177 илјади половни, наспроти 28 илјади нови. Просечната старост на возилата на македонските патишта е 20 години, а над 170 илјади се од минатиот век.

За овие пет години од 2019 до 2023 година, најголем увоз на стари автомобили имало во 2019 година со вкупно увезени 37 илјади стари автомобили, а најмалку 2022 година со 22 илјади стари.

Инфографика - Колку се стари возилата на македонските патишта

На крајот на минатата година беа најавени законски измени со кој Владата имаше план да ги зголеми давачките за увоз на возила, особено тоа ќе ги погодеше увозниците на стари автомобили. Ако до сега не плаќаа царина за возило кое чини до 10 илјади евра, планот беше да се воведе давачка од 1% од цената на чинење на возилото.

Прикачување?

Во своите први изјави по нападот во концертната сала во близина на Москва на 22 март, повеќе од 18 часа откако вооружени напаѓачи убија најмалку 139 луѓе во најсмртоносниот терористички напад во Русија во последните 20 години, претседателот Владимир Путин не ја спомна екстремистичката група Исламска Државата, која веќе ја презеде одговорноста за нападот. Во последователните коментари доцна на 25 март, Путин рече дека „радикалните исламисти“ го извршиле нападот.

Во меѓувреме, државните медиуми во Русија жестоко ја „играа“ идејата дека Украина и Западот стојат зад нападот, како и високи функционери и пратеници. Префрлањето вина во странство за работите што се случуваат во Русија - од терористички напади до мирни протести на опозицијата, не е ништо ново за Путин. Тој тоа го прави од најмалку 2004-та година, по заложничката криза во која загинаа повеќе од 330 луѓе во училиште во јужниот град Беслан, инсинуирајќи дека Вашингтон и Западот ги поддржуваат исламските милитанти во Северен Кавказ во обид да ја ослабат Русија.

Инспирација

Ретко која девојка во Северна Македонија свири на народни инструменти. А Мартина свири дури на три – кавал, тамбура и дајре. Работи како келнерка за да си го плати студирањето на музичка академија и приватните часови со кои се надградува.

Дел е од над десет фолклорни ансамбли и културно уметнички друштва. И во сите е единствената жена. Се надева дека поттикнати од нејзиниот пример што повеќе девојки ќе изберат да свират некој народен инструмент и дека ќе ѝ станат колешки.

Вам овие дебати ви се сериозни или смешни?

Веројатно сте го чуле и виделе и сте се насмеале кога ги „кине“ политичарите и јавните личности. И тие вели не му се лутат.

„Па подобро да се либерте, него да се прават дека не чуле или не виделе“ вели, во Поткастот „Зошто?“, Жарко Јовановиќ познатиот млад глумец и стенд ап комичар. Со него разговаравме за политиката, што ни ја нуди и на сатиричен начин.