СЗО: Скоро секое шесто дете било жртва на сајбер насилство

илустрација

Околу 16 отсто од децата на возраст од 11 до 15 години биле жртви на сајбер-насилство во 2022 година, што е повеќе од 13 отсто четири години претходно, се наведува во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа кој опфаќа 44 земји.

„Овој извештај е повик за будење за сите нас да се справиме со малтретирањето и насилството, кога и каде и да се појават“, рече регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге во соопштението објавено денеска(27 март).

Според студијата „Здравствено однесување на децата од училишна возраст“, 15 отсто од момчињата и 16 отсто од девојчињата рекле дека биле цел на сајбер-насилство барем еднаш во последните неколку месеци.

Агенцијата на ОН истакна дека пандемијата го променила начинот на кој адолесцентите се однесуваат едни со други.

„Виртуелните форми на врсничко насилство станаа особено релевантни од почетокот на пандемијата „Ковид-19“, кога светот на младите стана сè повеќе виртуелен за време на заклучувањето“, се наведува во извештајот.

Видете и ова: Ќе кренат рака на соученикот само за клик плус

Другите форми на малтретирање забележаа благ пораст.

Единаесет проценти од момчињата и девојчињата пријавиле дека биле малтретирани на училиште најмалку два или три пати месечно во изминатите неколку месеци, во споредба со 10 проценти пред четири години.

Највисоко ниво на сајбер-насилство доживеале момчињата во Бугарија, Литванија, Молдавија и Полска, додека најниско ниво е забележано во Шпанија, соопшти СЗО без да даде детални податоци.

„Бидејќи младите поминуваат до шест часа онлајн секој ден, дури и малите промени во стапката на малтретирање и насилство може да имаат длабоки импликации за здравјето и благосостојбата на илјадници луѓе“, предупредува Клуге.

Еден од осум адолесценти признал дека малтретирал други онлајн, што е зголемување за три процентни поени во споредба со 2018 година, се вели во извештајот.

Бројот на адолесценти кои се впуштиле во физички пресметки, пак, останал стабилен во четиригодишниот период од 10 проценти - 14 проценти кај момчињата и шест проценти кај девојчињата.

Студијата се базира на податоци од 279 000 деца и адолесценти од 44 земји низ Европа, Централна Азија и Канада.