Северна Македонија одбележува четири години членство во НАТО

Македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел

Централна свеченост по повод четири години од членството на Северна Македонија во НАТО ќе се одржи денеска на платото пред Министерството за одбрана, а ќе биде одбележан и Денот на Генералштабот.

На свеченоста ќе се обратат првиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски.

Пред централната свеченост, во Министерството за надворешни работи ќе се одржи традиционален настан со дипломатскиот кор, со што ќе се одбележи почетокот на Деновите на НАТО во државава, кои ќе траат до 4-ти април.

На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.

Видете и ова: Македонските компании изгубени во „навигацијата“ на НАТО пазарот

На 15 ноември 1995 година, државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир.

На 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.

Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција.

Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Северна Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северно-атлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Претседателот на Републиката.

На 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што, Република Северна Македонија и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата.