Опозициските парламентарни коалиции „Србија против насилството“ (СПН) и „Нада“ на 26 март апелираа до властите што поскоро да одржат состанок за изборните услови, пред распишувањето на локалните и белградските избори.
Повторување на локалните избори во главниот град на Србија е најавено за 2 јуни, бидејќи ниту една партија не освои доволно гласови за да формира влада.
Коалицијата СПН и „Нада“ во заедничко соопштение наведуваат дека „за нив е неприфатливо учество на изборите под непроменети услови“.
Тие додаваат дека по втор пат повикуваат на дијалог со властите.
„Со оглед на тоа што не добивме никаков одговор на официјалното барање на 20 март до премиерот и претседателот на Собранието на Србија“, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Брнабиќ: Избори во Белград на 2 јуниКоалициите оценија дека во случај да нема дискусија што ќе резултира со договор „сигурно ќе има продлабочување на политичката криза во земјата и ново зголемување на тензиите“.
„Тоа не може да биде пат што некој го посакува. Во такви услови одржување на избори ќе биде тешко замисливо и возможно“, се наведува во соопштението.
Дел од опозицијата, која организираше протести по изборите, како и меѓународни и домашни набљудувачки мисии, посочија на нерегуларности за време на изборите на 17 декември минатата година.
Во својот извештај Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) наведува дека условите не биле еднакви за сите на изборите, бидејќи на нив доминантен бил претседателот Вучиќ.
Се додава дека се евидентирани притисоци врз вработените во јавниот сектор да гласаат за владата, злоупотреба на јавните ресурси во нејзина полза и медиумска доминација на Вучиќ.
Во извештајот се наведени и 25 препораки за понатамошно усогласување на изборите со обврските во рамките на ОБСЕ, како и со другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори.
Видете и ова: Што значат барањата на опозицијата пред повторните избори во Белград?Набљудувачката мисија на CRTA по изборите оцени дека српските државјани кои живеат во соседните земји на денот на изборите организирано биле донесени во главниот град за да гласаат на локалните избори во главниот град.
CRTA наведе дека овие миграции на гласачите влијаеле на исходот од резултатите во Белград.
Власта ги демантираше обвинувањата за изборни нерегуларности, со оценка дека декемвриските избори биле меѓу најчистите.
Сепак, претседателот на Србија и функционер на СНС, Александар Вучиќ, на 10 март изјави дека е „многу важно“ да се исполнат препораките на ОДИХР.