Таџикистанските власти ги испрашуваат семејствата на осомничените за нападот во Москва

Граѓаните им оддаваат почит на жртвите на нападот на концертната сала во близина на Москва, март 2024 година

Властите во Таџикистан приведоа и испрашуваа членови на семејството на четворица Таџикистанци обвинети за нападот на концертна сала во близина на Москва на 22 март.

Истрагата доаѓа откако руските власти обвинија осум лица за нападот, во кој загинаа најмалку 139 лица, а повеќе од 180 беа повредени.

Четворица мажи од етничко потекло од Таџикистан, кои работеле како мигранти во Русија, се уапсени под сомнение дека се одговорни за нападот. Тие на 24 март се појавија пред судот и им беше одреден притвор, а по телата имаа траги од тепање.

Милитантната група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот.

Напаѓачите пукаа и ги убиваа посетителите на концертот додека чекаа во ред за да влезат, а потоа влегоа во аудиториумот, каде убиле повеќе луѓе пред да ја запалат огромната концертна сала.

Во главниот град на Таџикистан, Душанбе, и неколку други градови, полицијата ги приведе на сослушување членовите на семејството на четворицата машки осомничени.

Видете и ова: Aнтимигрантското расположение во Русија во пораст откако за нападот во Москва се обвинети Таџикистанци

Властите на Таџикистан се уште јавно не ја коментирале оваа информација.

Министерството за надворешни работи на Таџикистан, неколку часа по нападот во Москва, негираше дека во нападот учествувале уште тројца Таџикистанци, но оттогаш тоа не се огласи во јавноста.

Руските власти покренаа обвинение за осмото лице за нападот, пренесува руската новинска агенција ТАСС. Судот во Москва му одреди притвор, обвинувајќи го дека наводно им изнајмил стан на четворицата напаѓачи.

Русија уапси 11 лица во врска со нападот, вклучително и четворица осомничени напаѓачи. Министерството за внатрешни работи соопшти дека сите четворица напаѓачи се странски државјани.