Судот во Велика Британија пресуди дека основачот на Викиликс Џулијан Асанж сè уште не може да биде екстрадиран во Соединетите Држави (САД), каде што е обвинет за шпионажа.
Високиот суд во Лондон одлучи да му даде право на Асанж повторно да се жали на одлуката за екстрадиција, освен ако американските власти не обезбедат дополнителни гаранции за тоа што ќе се случи со него откако ќе биде екстрадиран.
Судењето за случајот на Асанж, кое трае повеќе од десет години, е одложено за 20 мај, пишува АП.
За време на дводневното сослушување на Високиот суд во февруари, адвокатот на Асанж, Едвард Фицџералд рече дека американските власти сакаат да го казнат затоа што Викиликс „го разоткри криминалот на американската влада во невидени размери“.
Тој беше обвинет за 17 точки за шпионажа и една точка за злоупотреба на компјутер за објавување доверливи американски документи на неговата веб-страница пред речиси 15 години.
Видете и ова: Нова правна битка на основачот на Викиликс против екстрадицијата во САДАмериканските обвинители велат дека Асанж и помогнал на американската воена разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг да украде дипломатски телеграми и воени досиеја кои подоцна беа објавени од Викиликс, ставајќи ги со тоа животите на многумина во опасност.
Обвинителите тврдат дека протечените информации ги загрозиле животите на нивните агенти и дека нема оправдување за такво кривично дело.
Многубројните поддржувачи на Асанж го сметаат за херој на опозицијата и за новинар кој се гони за откривање злосторства и наводни воени злосторства извршени од САД.
Обединетото Кралство ја одобри неговата екстрадиција во САД во 2022 година, откако судијата првично ја суспендираше поради загриженост за менталното здравје на Асанж, односно ризикот од самоубиство доколку биде депортиран.
Семејството и поддржувачите на Асанж велат дека неговото физичко и ментално здравје биле оштетени по повеќе од една деценија правни битки, вклучително и седум години самонаметнат егзил во еквадорската амбасада во Лондон и последните пет години во затвор со високо обезбедување надвор од Лондон.