Притворот на новинарот Гершкович е продолжен до крајот на јуни

Aмериканскиот новинар Еван Гершкович

Судот во Москва му го продолжи притворот на американскиот новинар Еван Гершкович, кој беше обвинет за шпионажа до крајот на јуни.

Новинарот на Вол Стрит Џрнал (32) беше уапсен на крајот на март 2023 година во Екатеринбург додека известуваше од Русија и цело време беше во притвор.

Гершковиќ и неговиот медиум ги негираа обвинувањата, а американската влада тврди дека тој е неправедно приведен, пренесува АП.

Тој е во московскиот затвор Лефортово, кој е познат по тешките услови.

Амбасадорката на Соединетите Држави во Русија Лин Трејси протестираше за време на денешното судско рочиште и повтори дека „наводите против Еван се категорично лажни“.

Видете и ова: Московскиот суд ја одби жалбата на американскиот новинар Гершкович

„Нема никакво оправдување за продолжување на притворот на Еван или објаснување зошто тоа што Еван ја врши својата новинарска работа е кривично дело. Овде не станува збор за докази, правилен процес или владеење на правото, туку за користење на американските граѓани како пиони за постигнување политички цели“, им изјави амбасадорот на новинарите пред судот.

Аналитичарите веруваат дека Москва сака да ги искористи приведените Американци во замена за Русите притворени во САД, бидејќи односите дополнително се заоструваат поради агресијата врз Украина.

Гершкович е првиот американски новинар кој е уапсен под обвинение за шпионажа во Русија од септември 1986 година, кога КГБ го уапси Николас Данилоф, дописник од Москва за US News and World Report.

Видете и ова: Судот го одби барањето на новинарката на РСЕ Курмашева за куќен притвор

Данилоф беше ослободен без обвинение 20 дена подоцна во замена за вработен во тогашната советска мисија во Обединетите Нации, кој беше уапсен од ФБИ, исто така под обвинение за шпионажа.