Лидерот на политичкото крило на Хамас во посета на Техеран

Исмаил Ханије

Лидерот на политичкото крило на Хамас, Исмаил Ханије во вторник е во посета на Техеран, јави агенцијата ИРНА. Соединетите Држави и Европската Унија ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Ханије во Техеран ќе се сретне со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан.

Хамас води војна против Израел во Газа од октомври минатата година.

Посетата доаѓа еден ден откако Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се бара итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Видете и ова: Кина најави поддршка за новата нацрт-резолуција на Советот за безбедност на ОН за Газа

Советот за безбедност на Обединетите Нации изгласа Резолуција за прекин на огнот во Газа, а САД одлучија да се воздржат.

Воздржаноста на Соединетите Држави (САД) за Резолуцијата за прекинот на огнот во Газа не е промена во американската политика, соопшти подоцна портпаролот на Советот за национална безбедност при Белата куќа, Џон Кирби.

Кирби рече дека САД „очекуваат да можат да разговараат со израелската делегација подоцна оваа недела“ за разгледување алтернативи за големата копнена офанзива во Рафа. Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, веднаш по гласањето го направи она што го најави и ја откажа посетата на делегацијата на Вашингтон, поради воздржаноста на САД.