Воздржаноста на Соединетите Американски Држави (САД) за Резолуцијата за прекинот на огнот во Газа не е промена во американската политика, соопшти на 24 март портпаролот на Советот за национална безбедност при Белата куќа, Џон Кирби.
Претходно денеска Советот за безбедност на Обединетите нации изгласа Резолуција за прекин на огнот во Газа, а САД одлучија да се воздржат.
Кирби рече дека земјата била јасна и доследна во поддршката за прекин на огнот како дел од договорот за заложници.
„Нема причина да се гледа како некаква ескалација. Причината за воздржаноста е што текстот на резолуцијата не го осудува Хамас“, рече Кирби.
Кирби рече дека САД „очекуваат да можат да разговараат со израелската делегација подоцна оваа недела“ за разгледување алтернативи за големата копнена офанзива во Рафа. Но, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, веднаш по гласањето го направи она што го најави и ја откажа посетата на делегацијата на Вашингтон, поради воздржаноста на САД.
Портпаролот на Советот за национална безбедност при Белата куќа потсети дека израелскиот министер за одбрана Јоав Галант веќе пристигна во посебна посета на САД и ќе се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот колега Лојд Остин. Предвидена е и средба со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.
Кирби изрази уверување дека состаноците ќе дадат можност да се разговара за плановите на Израел за Рафа во време кога ОН, САД и муслиманскиот свет предупредуваат дека офанзивата во Рафа ќе доведе до хуманитарна катастрофа.
Претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел и на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ја поздравија првата резолуција усвоена од Советот за безбедност на ОН, со која се бара прекин на огнот во Појасот Газа.
„Го поздравувам денешното гласање, минатата недела Европскиот совет едногласно повика на итна хуманитарна пауза што ќе доведе до траен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и обезбедување хуманитарна помош“, истакна Мишел во објава на Икс.
„Спроведувањето на оваа резолуција е од витално значење за заштита на сите цивили“, напиша Фон дер Лајен на истата социјална мрежа.
Шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, пак, истакна дека прекинот на огнот мора итно да се спроведе и дека се очекува да се случи за време на Рамазан. Тој укажа на потребата од проширување на протокот на помош за цивилите.
Милитантната група Хамас, прогласена за терористичка во ЕУ и САД, ја поздрави резолуцијата на ОН со која се повикува на прекин на огнот во Појасот Газа, со оценка дека тоа ја потврдува подготвеноста за итна размена на заробеници од двете страни.
Видете и ова: Нетенјаху ја откажа посетата на израелската делегација на САД по резолуцијата на ОН за ГазаИзраелските медиуми јавуваат дека Хамас му се заблагодарил на Советот за безбедност на ОН за ваквата одлука и повикал на „траен прекин на огнот што ќе доведе до повлекување на сите ционистички сили од Појасот Газа и враќање на раселените во домовите што ги напуштиле“.
Војната започна откако палестинските екстремисти предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври.
Според израелските медиуми, тој ден околу 3.300 „терористи“ влегле во Израел по копно, море и воздух и убиле околу 1.200 луѓе и киднапирале 253 заложници, од кои повеќето цивили. После тоа започна војна во која се убиени повеќе од 32.000 Палестинци, главно жени и деца.