Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 25 март изјави дека нема да ја испрати израелска делегација во Вашингтон, како што беше планирано, откако Соединетите Американски држави (САД) не ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на прекин на огнот во Газа. САД беа воздржани.
Нетанјаху претходно се закани дека ќе ја откаже посетата на Вашингтон што беше закажана за почетокот на оваа недела, што и го направи.
„Во светло на промената на позицијата на САД, премиерот Нетанјаху одлучи делегацијата да не оди“, соопшти неговиот Кабинет.
Нетанјаху, според соопштението од неговата канцеларија, рече дека неуспехот на Вашингтон да стави вето на предлогот е „јасно повлекување“ од претходната позиција на САД и „штети на воените напори против Хамас во Газа, како и на напорите за ослободување на повеќе од 130 заложници“.
Видете и ова: Советот за безбедност на ОН бара итен прекин на огнот во Газа, САД се воздржаа од гласањеДелегација на високо ниво требаше да отпатува во Вашингтон за да разговара за планираната израелска воена операција во градот Рафа во јужниот дел на Газа.
За разлика од претходно САД овојпат се воздржаа од гласање, додека остатокот од 15-члениот Совет гласаше „за“.
Советот на безбедност на Обединети нации денеска усвои резолуција со која се бара „итен прекин на огнот“ помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, како и безусловно ослободување на заложниците. Советот за Безбедност на ОН првпат по шестмесечната војна во Појасот Газа бара „итен прекин на огнот“ за време на Рамазан, што трае уште две недели.
Резолуцијата беше поднесена од десет непостојани земји-членки на СБ, меѓу кои и Алжир, Гвајана, Малта, Мозамбик, Сиера Леоне, Словенија и Швајцарија.
Во претходните обиди постојаните земји-членки на Советот за Безбедност на ОН ставаа вето, со што оневозможуваа усвојување на претходните резолуции за примирје во Газа.
САД досега ставија вето на три нацрт резолуции, а Русија и Кина двапати го блокираа американскиот предлог.