Советот за безбедност на ОН на 25 март побара итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, организација, која е прогласена за терористичка група од Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ), и итно и безусловно ослободување на сите заложници.
САД се воздржаа од гласањето. Останатите 14 членови на советот гласаа за резолуцијата.
„Палестинскиот народ претрпе многу. Ова крвопролевање трае предолго. Наша обврска е да ставиме крај на ова крвопролевање пред да биде предоцна“, изјави алжирскиот амбасадор во ОН, Амар Бенџама, пред Советот по гласањето.
Радиото на израелската армија непосредно пред почетокот на состанокот на Советот објави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја откаже планираната делегација во Вашингтон доколку САД не стават вето на резолуцијата.
Во услови на зголемен глобален притисок за примирје во војната во која загинаа повеќе од 32.000 Палестинци, САД се воздржаа од гласањето на 25 март за да му се дозволи на Советот за безбедност да побара итен прекин на огнот за месецот на муслиманскиот пост Рамазан, кој завршува за две недели.
Резолуцијата бара итно и безусловно ослободување на сите заложници. Израел вели дека Хамас зел 253 заложници за време на нападот на 7 октомври.
„Поддршката на Соединетите Држави за овие цели не е само реторичка. Ние работиме деноноќно за да ги направиме реални на терен преку дипломатија, бидејќи знаеме дека само преку дипломатија можеме да ја придвижиме оваа агенда напред“, рече амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд.
„Примирјето може да започне веднаш со ослободување на првиот заложник и затоа мораме да извршиме притисок врз Хамас да го стори токму тоа“, рече таа.
Видете и ова: Кина најави поддршка за новата нацрт-резолуција на Советот за безбедност на ОН за ГазаТомас-Гринфилд рече дека САД се воздржани од гласањето бидејќи не се согласуваат со сè во резолуцијата и дека текстот не вклучува осуда на Хамас.
Резолуцијата на Советот за безбедност, исто така, „ја нагласува итната потреба да се прошири протокот на хуманитарна помош и да се зајакне заштитата на цивилите во целиот Појас Газа и го повторува своето барање за укинување на сите бариери за обезбедување хуманитарна помош во голем обем“.
САД ставија вето на три нацрт-резолуции на Советот за војната во Газа. Исто така, претходно двапати се воздржуваа, дозволувајќи му на Советот да усвои резолуции кои имаа за цел да ја зголемат помошта за Газа и повикаа на продолжени паузи во борбите.
Русија и Кина, исто така, ставија вето на двете нацрт-резолуции на САД за конфликтот - во октомври и во петокот.