Приватните лекарите бараат построги казни за напад на здравствени работници

Од 12 до 16 часот на 25 март приватните лекари не работат со пациенти, во знак на почит кон убиениот колега А. Т., матичен лекар од поликлиниката „Железара“ од Скопје.

Претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова изјави дека лекарите не се чувствуваат безбедно, оти, како што вели, сите имаат пациенти кои се зависници, психички нестабилни, со анксиозноно депресивни состојби, биполарни растројства.
Лекарите бараат услови за безбедно работење и, како што напомена Чолакова-Дервишова, построги казни за напад на здравствените работници.

„Ние не ја знаеме причината, но во кругот на здравствен дом е убиен докторот, така што очекуваме органите на прогонот да ни кажат што се случува“, изјави Чолакова-Дервишова по потпишувањето на Декларацијата за промоција и поддршка на вакцинацијата во Лекарската комора.

Видете и ова: Лекар пронајден мртов пред поликлиниката „Железара“

Став на Лекарската комора е дека матичните доктори имаат право да реагираат за својата безбедност. Лекарска комора заедно со Министерство за правда направи измена на Кривичниот законик, каде напад на здравствен работник е казнива и до пет години.

Телото на лекарот А. Т. беше пронајдено на 21 март, во неговиот автомобил, на паркинг пред зградата на поранешната клиника „Железара“. На телото имало видливи убодни рани од остар предмет. Обвинителството презема мерки за расчистување на убиството.

Министерот за здравство, Илир Демири информира дека нема информации околу случајот со убиството на лекарот во Железара. Очекува истражните органи и Министерството за внатрешни работи да ја спроведат истрагата.