Мерките и активностите за подобрување на студентскиот стандард кои се преземаат од надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана и за реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на државните студентски домови, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Во ревизорскиот извештај е нотирано значително намалување на сместувачките капацитети кај сите државни студентски домови во период 2019 - 2022 година, односно од 5815 легла на 4490 во 2022 година, што претставува 77,28 проценти пополнетост, но и отстапувања во бројот на сместени студенти во однос предвидени со конкурсот.
Извештајот посочува и дека објектите кои ги користат државните студентски домови во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење, имаат неизедначени услови, а нотирано е и незадоволство на студентите од исхраната, сместувањето и функционирањето на домовите.
Видете и ова: Затруени студенти со храна, вонредна инспекција во кујната на студентскиот дом ПелагонијаВо соработка со ангажиран независен експерт, ревизијата спровела и анкета на задоволството на студентите од условите во студентските домови. Со оценки од 1 до 5 на поставените прашања одговориле 286 студенти односно околу 8,25 отсто од вкупниот број.
Притоа, најниска просечна оценка (1,67) е дадена за техничката опрема (принтер, фотокопир, компјутер, ТВ) и за стабилноста и брзината на интернетот (1,81). Квалитетот на исхраната е оценет со 2,64, хигиената заедно со достапноста на топла вода (2,41), а условите/атмосферата за учење добиле оценка (2,53).
Меѓу 2 и 3 просечна оценка според студентите се условите за спорт и рекреација, културно-забавните активности во студентскиот дом, загревањето и ладењето на просторот, безбедноста на објектот и опременоста и физичките услови на собите во кои се сместени. Над 3 просечна оценка студентите дале за состојбата и функционалноста на мебелот (3,33) и за заедничките простории - менза, читална/библиотека, дворна површина (3,07).
Во однос на стипендирањето на студентите, во извештајот се посочува дека се воспоставени неколку мерки кои се соодветни, но не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми, а поради аплицирање кај повеќе од една група стипендии, обемната документација и недоследностите при утврдување на исполнетоста на условите, дел од стипендиите не се доделени. Дополнително, ревизорите утврдиле дека е воспоставен начин на стипендирање за студирање во странство, со кој не се обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата.
За мерките за студентско стипендирање, ревизорите процениле дека се соодветни, но не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми. За дел од студиските програми е предвиден износ на стипендија кој е трипати повисок од редовниот износ утврден во висина од 6050 денари, за кој, како што се наведува, постои можност за подобрување преку реструктурирање на останатите расходи од Програмата.