Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја презентираше програмата на партијата за претстојните парламентарни избори на 8 мај, насловена „Платформа #1198“.
Мицкоски рече дека во програмата се содржани 1198 проекти „за решение на огромен број проблеми на граѓаните“.
На обраќањето на Мицкоски му претходеа пет партиски дебати за различни области.
-Во целост, Платформа 1 198 е политички план што се потпира на еден модерен и прецизен пристап кон управување со ресурсите, квалитетен живот и динамичен економски развој, рече Мицкоски.
Програмата се потпира на неколку клучни столбoви: активна и постојана борба за квалитетен животен стандард, отворање на фронт против корупција, институтциите да работат според законите, обезбедување на функционален систем за граѓаните, заеднички патриотизам и непоколебливо почитување на правата и слободите на луѓето.
Најдоминантно значење, како што кажа Мицкоски, во програмата има економијата.
„Со платформа 1 198 се обврзуваме на раст на БДП до 5% годишно, ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува на ниво под 3,0% од БДП, намалување на невработеноста до 7,5% односно создавање на нови 55 илјади работни места“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ подетално се осврна на делови од програмата. Најави укинување на балансерот, побара поддршка од партиите за Парламент со 90 пратеници, за една изборна единица, а најави доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на чело на Владата реорганизација на институциите и ново министерство за енеретика и министерство за социјална политика, демографија и млади.
Првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.