Тачи и Ахмети заедно на изборите

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи (во средина) и претседателот на ДУИ, Али Ахмети (десно)

Демократската партија на Албанците (ДПА) го одобри предлогот на лидерот на партијата, Мендух Тачи, за учество во коалицијата на Демократската унија за интеграција (ДУИ) предводена од Али Ахмети.

Одлуката е донесена вчера вечер (23.3) на Централно собрание на ДПА.

„Се одржа Централното собрание на ДПА на кое едногласно беше одобрен предлогот на претседателот Мендух Тачи дека ДПА треба да влезе во коалиција со Европскиот фронт на претседателските избори на 24 април и на парламентарните избори на 8 мај“, соопштија од ДПА.

Видете и ова: Предизборно лепење руски етикети меѓу партиите

Можноста за коалицирање со ДУИ еден ден претходно ја најави Тачи во телевизиско гостување.

„Ова беше идеја на господинот Ахмети од пред две години, а идејата полека созрева меѓу ДУИ и ДПА“, рече Тачи, во гостување на телевизијата „Клан“.

Договорот за официјализирање на соработката меѓу ДПА и ДУИ, како што најави Тачи, ќе биде потпишана в понеделник, 25.3, во 12 часот во Домот на културата во Тетово.

Тачи рече дека договорот не ги вклучува само ДУИ и ДПА, туку и Партијата за евроинтеграции на Арјанит Хоџа, а има и планови за соработка со турските и босанските партии и со неколку здруженија.

По предвремените парламентарни избори во 2008 година, сега најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, го прекина традиционалното партнерство со ДПА и формира коалиција со најголемата албанска партија во парламентот, ДУИ.

Оттогаш ДПА е во опозиција.

Првиот круг на претседателските избори во Северна Македонија ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.