Денеска во Русија е национален ден на жалост во знак на сеќавање на жртвите од терористичкиот напад во петокот, 22 март, во концертна сала близу од Москва при што загинаа најмалку 133 лица, а за што одговорност презеде екстремистичката група „Исламска држава“.
Знамињата се спуштени на половина копје низ целата земја додека Русите продолжија да поставуваат цвеќиња на импровизираните споменици.
Во своето обраќање вчера (23 март) рускиот претседател Владимир Путин рече дека се пронајдени и приведени 11 лица, меѓу кои четворица директни извршители на нападот.
Путин го нарече пукањето „крвав и варварски терористички напад“ и рече дека инволвираните се обиделе да избегаат и да преминат во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и други украински официјални лица а негираа каква било поврзаност со нападот.
Советот за безбедност на Обединетите нации, САД, ЕУ, ОБСЕ и многу светски државници го осудија нападот врз цивили во концертната сала близу Москва, изразувајќи шок и згрозеност.
Две недели претходно, на 7 март, Амбасадата на САД во Москва ја предупреди Русија дека „екстремистите“ имаат непосредни планови за напад во главниот град“.
Видете и ова: Цвеќе во Белград за настраданите во Москва
Истиот ден со предупредувањето на амбасадата, Федералната служба за безбедност тврди дека спречила напад врз синагогата во Москва од страна на огранокот на Исламската држава во Авганистан, познат како ИСИС-Хорасан или ИСИС-К.
Нападот во концертната сала Крокус во Красногорск, во близина на Москва, беше најлош во Русија по 2004 година, кога вооружени лица запленија повеќе од 1.000 заложници во училиштето во Беслан и на крајот загинаа 333 лица, од кои речиси половина беа деца.