Пендаровски го осуди нападот во Москва

Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го осуди нападот врз цивили што се случи вчера (22.3) во концертна сала кај Москва во кој загинаа 143 лица, според досегашните податоци.

„Најостро го осудувам терористичкиот напад врз цивили во „Крокус Сити Хол“ во Москва. Искрено сочувство до фамилиите на тие кои ги загубија најблиските. Им посакувам брзо закрепнување на повредените“, напиша Пендаровски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Одговорност за нападот презеде екстремистичката група „Исламска држава“. Неколку часа по почетокот на инцидентот, каналите на Телеграм поврзани со Исламска држава објавија соопштение во кое се вели дека групата „нападнала голем собир на периферијата на руската престолнина Москва“.

Видете и ова: Шок и згрозеност по нападот во концертна сала близу Москва

Рускиот претседател Владимир Путин денеска (23.3) се обрати нарекувајќи го пукањето „крвав и варварски терористички напад“ и рече дека инволвираните се обиделе да избегаат и да преминат во Украина.

„Пронајдени и приведени се сите четворица директни извршители на терористичкиот напад, сите кои пукаа и убиваа луѓе“, рече Путин.

„Тие“, како што наведе рускиот претседател, „се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според прелиминарните податоци им бил подготвен премин од украинска страна за преминување на државната граница“, кажа Путин.

Украина негира каква било вмешаност во нападот.

Пукањето се случи во концертната сала „Крокус Сити“ во Красногорск, предградие западно од Москва, по што избувнал голем пожар.