Бројот на жртвите од нападот во концертната сала близу Москва вчера(22.3) достигна 133 лица, а уапсени се четворица осомничени напаѓачи, велат руските безбедносни власти во врска со најголемото терористичко насилство во Русија во речиси две децении.
Руските власти додадоа дека сите осомничени се странски државјани.
Повеќе од 18 часа откако камуфлирани вооружени напаѓачи упаднаа во концертната сала Крокус во Красногорск во близина на Москва и отворија оган врз луѓето кои чекаа да почне концертот, националниот истражен комитет на 23 март предупреди дека билансот на жртви се очекува дополнително да расте бидејќи трагачите извлекоа повеќе трупови од урнатините на концертната сала.
Инцидентот беше најтешкиот терористички напад во Русија во речиси две децении.
Претседателот Владимир Путин го осуди насилството како „крвав, варварски терористички напад“ и го прогласи 24 март за ден на национална жалост.
„Главната работа сега е да ги спречиме оние кои стојат зад ова крвопролевање да извршат ново злосторство“, рече тој во снименото видео обраќање објавено од Кремљ денеска (23.3).
Путин рече дека инволвираните се обиделе да избегаат и да преминат во Украина.
„Пронајдени и приведени се сите четворица директни извршители на терористичкиот напад, сите кои пукаа и убиваа луѓе“, рече Путин.
„Тие“, како што наведе рускиот претседател, „се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според прелиминарните податоци им бил подготвен премин од украинска страна за преминување на државната граница“, тврди Путин.
Путин не обезбеди докази за да го поткрепи тврдењето.
Видете и ова: Цвеќе во Белград за настраданите во МоскваУкраинските власти негираа каква било вмешаност веднаш по избувнувањето на насилството, а Михајло Подољак, главен помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, уште еднаш демантира вмешаност на Украина непосредно пред да се објави обраќањето на Путин.
Сугестијата на Путин за евентуална вмешаност на Украина е во спротивност со тврдењето на милитантната група „Исламска држава“, која презеде одговорност не долго по нападот.
„Нападот го извршија четворица борци на Исламска држава вооружени со митралези, пиштол, ножеви и огнени бомби“, објави Исламска држава на Телеграм.
Голем број светски лидери го осудија нападот, со оцена дека предизвикал шок и згрозеност.
Две недели претходно, на 7 март, Амбасадата на САД во Москва ја предупреди Русија дека „екстремистите“ имаат непосредни планови за напад во главниот град“.
Видете и ова: Путин: Приведени се сите одговорни за нападот во Москва
Истиот ден со предупредувањето на амбасадата, Федералната служба за безбедност тврди дека спречила напад врз синагогата во Москва од страна на огранокот на Исламската држава во Авганистан, познат како ИСИС-Хорасан или ИСИС-К.
Вчерашниот напад кај Москва беше најлошиот во Русија од 2004 година, кога вооружени лица земаа повеќе од илјада заложници во училиште во градот Беслан на југот на Русија. Повеќе од 330 луѓе, речиси половина од нив деца, на крајот загинаа во тој напад.