Граѓаните на Словачка денеска, 23 март, гласаат на претседателските избори, чиј резултат, според анализите, ќе го ублажи или зајакне скептицизмот на оваа членка на НАТО и на Европската унија(ЕУ) во однос на војната во Украина.
Од 11 кандидати, фаворити се поранешниот премиер и актуелен претседател на парламентот, Петер Пелегрини и поранешниот министер за надворешни работи, Иван Корчок.
Пелегрини ја ужива поддршката на премиерот Роберт Фицо кој не сака да испрати никаква воена помош за Украина, го доведува во прашање суверенитетот на таа земја и повикува на мир со Русија.
Корчок е дефинитивно проукраински и ги дели ставовите на претседателката во заминување Зузана Чапутова, која жестоко ја критикуваше владата и одлучи да не се кандидира за втор мандат.
„Во случај на победа на Пелегрини, можеме да очекуваме зајакнување на сегашната позиција на владата и нејзиниот наратив“, оцени Михал Мислович, политички аналитичар на агенцијата за анкети „Медијан“.
„Ако Корчок победи, можеме да очекуваме дека ќе има противтежа на владата и парламентот во овој поглед“, рече Мислович.
Претседателот ги ратификува меѓународните договори, назначува главни судии, вклучувајќи го и претседателот на Врховниот суд и е врховен командант на вооружените сили. Тој може да стави вето и на законите што ги донесува парламентот.
Агенциите за испитување на јавното мислење предвидуваат тесна трка.
Според наодите од последното истражување на агенцијата „Фокус“, Пелегрини може да смета на 35 отсто од гласовите, а Корчок на 34 отсто гласови.
Доколку ниту еден кандидат не добие повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите ќе се одржи на 6 април.