На 22 март, Европската комисија (ЕК) предложи зголемување на царините за увоз на житарици, маслодајни семиња и житни производи од Русија и Белорусија, со цел да се спречи Москва да користи земјоделски производи за геополитички цели.
Се очекува недостигот во понудата делумно да биде заменет со увоз од трети земји, вклучително и Србија, пренесува Бета.
Во соопштението на Европската комисија се наведува дека целта на овие мерки е да се спречи дестабилизација на пазарот на ЕУ преку секое идно пренасочување на руските житни производи на европскиот пазар.
„Земјоделската заедница на ЕУ е особено загрижена за овој ризик. Улогата на Русија како водечки светски извозник на жито, заедно со нејзината подготвеност да го користи извозот на храна како геополитичка алатка, покажува дека овој ризик е висок“, се додава во соопштението.
Мерките се воведуваат и за решавање на прашањето за рускиот извоз на нелегално присвоено жито произведено на територијата на Украина.
Исто така, зголемувањето на царините треба да ја спречи Русија да ги користи приходите од извозот во ЕУ за финансирање на војната против Украина.
Имајќи предвид дека во 2023 година Русија ги извезла овие производи во ЕУ во вредност од околу 1,3 милијарди евра, Комисијата очекува дека со новите царини ќе се елиминира важен извор на приход за руската економија, а со тоа и за „руската воена машинерија“.
„Овој недостиг во понудата делумно ќе се пополни со домашното производство во ЕУ. Покрај тоа, недостигот делумно ќе се пополни со увоз од трети земји кои традиционално го снабдуваат пазарот на ЕУ, како што се САД, Бразил, Украина, Србија или Аргентина “, се наведува во објаснувањето на Европската комисија.
Видете и ова: Кулеба – Русија да престане со „играта на глад“ со светотНовите царини се направени да бидат доволно високи за да го обесхрабрат тековниот увоз, соопшти Комисијата, а во зависност од производот, тие ќе бидат зголемени на 95 евра за тон или најмалку 50 проценти.
„Царините ќе го намалат капацитетот на Русија да ја искористува ЕУ во корист на нејзината воена машинерија. Ние, исто така, ја одржуваме нашата посветеност за зачувување на глобалната безбедност на храната, особено за земјите во развој“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Зголемувањето на царините ќе важи и за Белорусија, поради нејзините блиски политички и економски врски со Русија, додека нема да влијае на транзитот на производи од Русија и Белорусија во трети земји.
Увозот на житарици, маслодајни семиња и житни производи од Русија и Белорусија сочинува само нешто повеќе од еден процент од вкупниот обен на пазарот на ЕУ, бидејќи најголемиот дел го обезбедуваат домашните добавувачи.
Сепак, поради зголеменото незадоволство и протестите на земјоделците поради растот на евтиниот увоз од Украина, ЕУ стравува дека Русија би можела да ја искористи ситуацијата за дополнително да ја дестабилизира, наведува АП.
Предлогот на Европската комисија треба да го усвои Советот на ЕУ, по што мерките ќе се применат веднаш.