Телеграмскиот канал Вјортска на 22 март цитираше четири извори блиски до претседателската канцеларија и Министерството за одбрана на Русија за тоа дека Москва планира наскоро да објави нов бран на воена мобилизација, преку кој ќе се обиде да ангажира до 300.000 луѓе за да ги зајакне своите воени капацитети во тековната инвазија на Украина.
Според изворите, идејата за објавување на мобилизацијата настанала поради се помалиот број на луѓе кои сакаат да одат во војна.
Откако претседателот Владимир Путин објави делумна мобилизација во септември 2022 година, десетици илјади Руси ја напуштија земјата за да го избегнат тоа.
Видете и ова: Новите предизвици за Русија и светот во петтиот мандат на ПутинВо меѓувреме, Марк Денисов, народниот правобранител во рускиот Краснојарски крај, на 21 март изјави дека неколку казнено-поправни установи во сибирскиот регион ќе бидат затворени оваа година поради тековното регрутирање на затвореници за војната.
Изјавата на Денисов дојде два дена откако Долниот дом на рускиот парламент, Државната дума, го одобри во последното читање нацрт-законот со кој им се дозволува на затворениците да ги променат затворските казни во условни казни без претседателски декрети за помилување, откако ќе потпишат договори со Министерството за одбрана.
Во ноември, Кремљ призна дека регрутирал затвореници за војната во Украина, нагласувајќи дека тие „својата вина ја оправдуваат со крв“.