Нетанјаху тврди дека Израел ќе испрати војници во Рафа и без американска поддршка

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (десно) и американскиот државен секретар Антони Блинкен, октомври 2023 година.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 22 март рече дека Израел е решен да испрати војници во Рафа, град во јужниот дел на Газа во кој живеат повеќе од еден милион Палестинци, и дека, доколку е потребно, тоа ќе го стори без поддршка од Соединетите Американски Држави (САД).

Нетанјаху изјави дека тоа му го кажал на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој е во посета на Израел, додавајќи дека „нема начин да се победи исламистичкото движење Хамас без да се оди во Рафа“.

„И му реков дека се надевам дека ќе го направиме тоа со поддршка на САД, но ако треба – ќе го направиме самите“, рече израелскиот премиер.

Блинкен пристигна во Израел на 22 март за да разговара со Нетанјаху за војната во Газа, во време кога се продлабочија разликите во ставовите за конфликтот меѓу двете сојузнички земји.

Тој пристигна во Израел од Каиро, како дел од неговата шеста посета на Блискиот Исток од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, организација која Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка.

„Голема воена операција во градот Рафа би била грешка, нешто што ние не го поддржуваме“, рече тој во Каиро, каде што се сретна со дипломати од Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Видете и ова: Блинкен пристигна во Израел на разговори за војната во Газа

Во исто време, Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во петокот не ја прифати резолуцијата за крај на конфликтот во Појасот Газа, како дел од договорот за ослободување на заложниците, што беше предложено од САД.

Резолуцијата за прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас не доби „зелено светло“, откако Русија и Кина како постојани членки гласаа против.

Во резолуцијата се нагласува „потребата од итен и траен прекин на конфликтот, со цел да се заштитат цивилите од сите страни, да се овозможи испорака на основна хуманитарна помош и да се олеснат страдањата“.

САД, клучен сојузник на Израел, претходно стави вето на резолуциите на Советот за безбедност за Газа, неодамна во февруари.

Видете и ова: Советот за безбедност на ОН ја одби американската резолуција за прекин на огнот во Газа

Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога милитантите на Хамас во Израел убија 1.200 луѓе и зедоа 253 лица како заложници.

Оттогаш, израелската воздушна и копнена кампања уби повеќе од 31.000 Палестинци, според здравствените власти во Газа, управувана од Хамас, додека поголемиот дел од населението е протерано од своите домови и остана без храна.

Голем дел од Газа е во урнатини, а повеќето од нејзините 2,3 милиони жители се раселени и се соочуваат со голема хуманитарна криза.