Ховениер: Очекуваме Владата на Косово да работи во партнерство со нас

Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер.

Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, во петокот на 22 март, изјави дека очекува Владата на чело со Албин Курти да работи во партнерство со Вашингтон, со цел да се постигне напредок на Косово.

На конференцијата по повод 25-годишнината од воената интервенција на НАТО во тогашната Сојузна Република Југославија, која ја организираше Советот на амбасадори на Косово, тој го повтори ставот на САД дека единствениот пат за Косово кон евроатлантските интеграции е дијалогот за нормализација на односите со Србија.

Тој додаде дека „не може да се преговара“ за обврските што Косово ги презеде во рамките на дијалогот со Србија.

„Очекуваме оваа Влада на Косово, како и претходните влади, да работат во партнерство со нас, додека нашите напори продолжуваат кон градење на просперитетно, мултиетничко и безбедно Косово во регионот на Западен Балкан“, рече Ховениер.

Од 2011 година, Косово и Србија водат дијалог за нормализација на односите, со посредство на Европската унија (ЕУ), постигнати се десетици договори, но многу не се спроведени на терен.

Минатата година партиите на предлог на ЕУ го прифатија Договорот за патот кон нормализација на односите. Сепак, тоа не е спроведено.

Видете и ова: Курти за РСЕ: Не прифаќаме предлози за динарот кои се спротивни на уредбата на Централната Банка

САД, кои го поддржуваат бриселскиот дијалог, постојано ги охрабруваат Србија и Косово да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот.

Инаку, односите меѓу Косово и САД во последно време се затегнати поради одлуката на косовските власти да ја забранат употребата на српскиот динар. Американските власти побараа Косово да го одложи спроведувањето на таа одлука, со образложение дека тоа негативно влијае на српската заедница, која добива различни приходи од српскиот буџет.

Специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, рече дека со игнорирањето на овие барања, Владата на Косово не го третира Вашингтон како партнер.

На конференцијата, Ховениер потсети и на причината за интервенцијата на НАТО пред четврт век и во тој контекст посочи дека со тоа всушност се стави крај на „етничкото чистење“ на Косово од страна на „машинеријата на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ“.

Видете и ова: ЕУ: Спроведувањето на договорот меѓу Косово и Србија да се реши на највисоко ниво

Тој, исто така, рече дека неговата земја се обидува да обезбеди такви настани да не се повторат.

„Остануваме посветени на поддршката на мировната улога на силите на НАТО, КФОР“, рече Ховениер. Тој додаде дека интервенцијата на НАТО е неопходна и легитимна „со оглед на хуманитарната криза на која светот беше сведок“.

НАТО започна со бомбардирање на Сојузна Република Југославија на 24 март 1999 година како одговор на прогонот на Албанците во Косово од страна на српските безбедносни сили.

Бомбардирањето престана по 78 дена, на 10 јуни 1999 година, со усвојувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Оваа Резолуција претставува компромис на петте постојани членки на Советот за безбедност врз основа на кои беше формирана администрацијата на Обединетите нации, УНМИК на Косово. Косово тогаш прогласи независност во 2008 година, која Србија не ја признава.