Поранешен дописник на РСЕ во Белорусија осуден на три години затвор

Новинарот Ихар Карни, Минск, септември 2018 година

Судот во Минск, Белорусија, на 22 март, го осуди поранешниот дописник на Радио Слободна Европа (РСЕ) Ихар Карни на три години затвор, под обвинение дека бил дел од екстремистичка група, пишува РСЕ на англиски јазик.

Медиумите објавија дека Карни е осуден за соработка со Белоруската асоцијација на новинари, која беше затворена во август 2022 година и прогласена за „екстремистичка“ во февруари 2023 година.

Независните медиуми во Белорусија беа жртви на тековното задушување на граѓанското општество, кое започна откако претседателските избори во август 2020 година му го доделија шестиот мандат на авторитарниот лидер Александар Лукашенко.

Повеќе од 20 добитници на Нобеловата награда потпишаа писмо на 20 март во кое повикуваат на итно ослободување на политичките затвореници во Белорусија, бидејќи белоруските власти започнаа нови акции против оние за кои се сомневаат дека се „екстремистички“ активности.

Меѓу затворените во Белорусија е и новинарот на РСЕ, Ихар Лосик, кој одлежува 15 години затвор под обвинение што тој, РСЕ и странските влади ги карактеризираа како политички мотивирани.

Видете и ова: Притворениот новинар на РСЕ Ихар Лосик веќе една година во самица

Алеш Бјаљацки, ко-добитник на Нобеловата награда за мир во 2022 година, исто така е во белоруски затвор.

Во нови обиди за задушување на неистомислениците, белоруските власти во средата објавија дека започнале десетици акции против оние за кои се сомневале дека се „екстремисти“.

Белорускиот Истражен комитет, водечката агенција за криминални истраги во земјата, соопшти дека нејзините агенти претресувале станови и канцеларии на лица осомничени за вмешаност во напорите на опозицијата за создавање „народни амбасади“ во странство.

Белоруската опозиција најави создавање на „народни амбасади“ кои ќе ги застапуваат нејзините интереси и ќе се спротивстават на белоруската државна пропаганда во 24 земји, меѓу кои и членки на Европската унија, Велика Британија, Канада, Австралија и Бразил.