Советот за безбедност на ОН денеска (22 март) ќе гласа за нацрт-резолуцијата на САД со која се бара итен прекин на огнот во Газа и договор за заложници меѓу Израел и Хамас.
Со тоа, Соединетите Држави ќе го зголемат притисокот врз Израел, со цел да дозволат поголема хуманитарна помош и подобро да ги заштитат цивилите во Појасот Газа, кои секојдневно се бомбардирани.
Портпаролот на американската мисија во ОН, Нејт Еванс, рече дека резолуцијата е резултат на многу рунди консултации со претставниците на земјите-членки на Советот.
Резолуцијата означува заострување на ставот на Вашингтон кон Израел.
Американците во минатото не сакаа да повикаат на прекин на огнот и ставија вето на мерките што вклучуваа повици за итен прекин на огнот.
Видете и ова: САД со нацрт-резолуција во ОН со која се бара итен прекин на огнот во ГазаАмериканскиот државен секретар Ентони Блинкен изминативе денови имаше средби со министрите за надворешни работи на Египет, Саудиска Арабија, Катар и Јордан. Блинкен лобира на Блискиот Исток токму за тоа што денеска ќе биде на дневен ред на Советот за безбедност на ОН.
„Ние всушност имаме резолуција што ја претставивме токму сега пред Советот за безбедност на Обединетите нации, која повикува на итен прекин на огнот поврзан со ослободувањето на заложниците и се надеваме дека земјите ќе го поддржат тоа“, изјави во средата Блинкен во Саудиска Арабија.
Тој потенцираше дека тоа би испратило силна порака и силен сигнал.
Повеќе од една третина од демократите во Сенатот ја повикаа администрацијата на Бајден да преземе храбри чекори кон воспоставување палестинска држава во најновиот притисок против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.