Дачиќ - Односите со Русија и Кина се „витален национален интерес“

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на средбата во Москва на 17 април 2019 година.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека одржувањето на односите со Русија и Кина е „витален национален државен интерес“ за Србија.

По средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва, тој ѝ се заблагодари на Русија за нејзиниот цврст став и поддршка за Србија кога станува збор за територијалниот интегритет и суверенитет и прашањето за Косово.

„За нас е од витално значење да знаеме дека имаме еден безбеден глас во Советот за безбедност“, рече Дачиќ.

Официјален Белград смета на поддршката на Русија и Кина во меѓународните организации и институции во однос на непризнавањето на Косово како држава.

Видете и ова: ЕУ: Спроведувањето на договорот меѓу Косово и Србија да се реши на највисоко ниво

Србија не ја признава независноста на Косово, но води дијалог со Приштина за нормализација на односите под покровителство на ЕУ, што треба да резултира со правно обврзувачки договор.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред средбата изјави дека Русија е заинтересирана да „спречи нови кризи“ на Балканот, пренесува Бета.

Како што се додава, Лавров му рекол на Дачиќ дека сака од него да слушне оценка за ситуацијата на Балканот, која ја оценил како „сериозна“.

Како што пренесува Бета, Лавров пред средбата со Дачиќ изјавил дека Русија ги цени односите со Србија и е задоволен од тоа како се реализираат заедничките проекти.

„Тонот на овие односи го поставуваат редовните контакти на нашите претседатели В.В.Путин и А.Вучиќ. Задоволни сме како се спроведуваат договорите во материјалната сфера, трговијата, инвестициите, хуманитарната размена, како и во областа на спортската соработка“, рече Лавров, а пренесе руското Министерство за надворешни работи.

Ивица Дачиќ отпатува за Москва на покана на Лавров, со цел да присуствува на пријателскиот натпревар меѓу фудбалските селекции на Србија и Русија.